Пратеникот на „Вреди“ Снопче го подвитка опашот: Не се заканувал, туку само кажувал политички став
Пратеникот од „Вреди„ Халил Снопче ја подвитка опашката. Откако доби своевидна дисциплинска од премиерот Мицкоски за најавата дека „Вреди„ ќе ја напушти владата доколку помине законот за бранители, сега целосно ретираше. Тврди дека воопшто не се заканувал, туку само го кажал својот политички став. Се правда дека како автономни политички субјекти, целта со таквата изјава била да придонесат за нормализација во функционирањето на државниот систем.
Ние сме автономни политички субјекти и како такви имаме иста цел за да придонесеме за нормализацијата во функционирањето на целокупниот државен систем каде пред се ќе дојдат до израз вистинските вредности. Ние сме партнери и нашето партнерство се заснова врз основа на односот на силите, а не односот на моќта. Така функционираме и се надевам дека така ќе продолжиме. Се разбира секому кој ни пожелува среќа и ние им пожелуваме среќа и успех. Додека функционира партнерството се е во ред и нема проблем, вели Снопче.
Ваквото ретрирање на Снопче следи откако премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање околу заканата на пратеникот од „Вреди„ кусо му одговори „нека му е со среќа„ и дека не потпаѓа на закани од никого.
Во обид да ги изгасне искрите во во владината коалицијата напомош од Њујорк се јави и министерот Таравари, чија партија е дел од коалицијата „Вреди„. Тој вели дека односите меѓу владините партнери се коректни, но потребни биле почести консултации.
Oдносите помеѓу партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде што се Вреди и ЗНАМ, се коректни, оваа Влада ќе продолжи да функционира, таа има подолгорочна стратегија, но потребна е почеста консултација и синхронизација меѓу партиите во власта, рече Таравари од Њујорк.
Инаку, Законот за браниели е предлог на опозициската СДСМ, a за него се создаде впечаток во јавноста дека е обид за провоцирање конфликт меѓу македонскиот и албанскиот политички блок. Партиите на Албанците и од власта, и од опозицијата сметаат дека ако се донесе ваков закон, треба да има законско решение и за припадниците на УЧК. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вели дека го подржува законот, но бара од СДСМ да го истуркаат до крај, тоа што сами го започнале.