Пратениците ќе си добиваат илјадници евра плус- Џафери против укинувањето на патните трошоци

Пратениците да не останат без илјадниците евра, да не им бидат укинати патните трошоци, побара собранискиот спикер. Талат Џафери се закани дека доколку народните избраници останат без овој и повеќе од убав приход тој ќе побара укинување на службените возила за функционерите. Сигурно е дека ваквиот став на Џафери го делат и најголемиот број пратеници, со оглед на тоа што на една рака може да се избројат оние кои се откажаа од илјадниците евра на име патни трошоци.

-Лошо е што се створува слика дека сето зло во оваа држава потекнува од Собранието. Да си го смениме системот и од парламентарна демократија да се претвориме во друг систем, да нема веќе такво зло во општеството, да нема пратеници и Парламент. Посакувам Владата да биде предлагач на такво нешто, изјави Џафери.

Инаку, токму укинувањето на патните трошоци беше едно од предизборните ветувања на СДСМ, кое по се изгледа ќе остане неисполнето. Без ДУИ, партијата на Заев не може да донесе ниту еден закон. Дополнителен проблем е и тесното парламентарно мнозинство, поради кое најверојатно ќе се бара алтернативен начин на работа, односно без присуство на пратениците во Собранието, повтори денеска собранискиот спикер Џафери.

-Пандемијата ни покажа да се пропише и да се има во предвид алтернативна можност за работа во такви услови. Денес е пандемија, утре може да биде друга причина за алтернативна работа на Собранието, задутре може да биде трета причина, може да биде пожар, може да биде земјотрес, кој ќе предизвика да има вонредна состојба, изјави Џафери.  

Точно два месеци по изборите конечно ќе почне со работа Собранието на Македонија, Џафери за понеделник најави свикување на собраниска седница, на која прва точка на дневен ред ќе биде формирање на собраниските работни тела.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста