Пратениците се договорија: Нов деловник во Собранието, опозицијата вели власта се спрема за опозиција

Построга контрола на употребата на европското знаменце, кое доста беше користено минативе три години, власта се откажала и од ограничување на дискусијата за предлог закон на пленарна седница на три дена. Третиот дијалог во рамки на Жан Моне процесот во Собранието, донесе приближување на дел од отворените прашања кои беа проблематични за власта и опозицијата. Меѓународната заедница задоволна од минатите два дена и дискусијата со пратениците, но сепак стигнаа и критики. Европратеникот Андреас Шидер порача дека наредниот пратенички состав мора да биде подобар од сегашниот.

-Новиот состав на Собранието да работи побрзо, поефикасно и со поголем фокус на политичките прашања, помал фокус на тактика, тактизирање и блокирање. Се договоривме за измените на деловникот и тие ќе ги префрлиме на новиот состав кој што ќе треба да ги усвои во најкус можен рок откако ќе започне со неговата, изјави Шидер.

Европратеникот Илхан Ќучук ја потенцираше важноста на соработката меѓу пратениците на реформскиот пат кон ЕУ.

-Има потреба од посилна соработка кога станува збор за идните реформи поврзани со Европската унија. Сакам да нагласам дека клучен процес на реформирање на земјата оди преку демократски постапки, преку постигнување консензус меѓу политичките партии и различните чинители во општеството. Транспарентноста, предвидливоста и инклузивноста се главниот дел на унитарната демократија, изјави Ќучук.

Од опозицијата изразија задоволство од минатите два дена. Коорднаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, вели со повлекувањето на предлогот за ограничување на дискусијата, СДСМ се подготвувале за опозиција.

-Најважно е што успеавме да ја решиме злоупотребата на европското знаменце на законите кои што доаѓаат од Влада, а во изминатиов период од три години имавме многу такви случаи. Го поздравуваме повлеквуањето на предлогот на ограничување на дискусијата на три дена од страна на СДСМ на пленарна сесија, со што јасно укажува на фактот дека се спремаат за опозиција и не сакаат да ја ограничат дискусијата, изјави Мицевски.

Задоволство изразија и од владејачката партија. Коордниаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски, вели оставиле добри темели за работа на следниот парламентарен состав.

-Оставаме добра основа за следниот пратенички состав да продолжи да работи на овој начин или по овој пат, со надеж дека тоа што се случуваше во минатото нема да се повтори, изјави Митревски.

Како што кажа претседателот на Собранието, Талат Џафери, партиите се согласиле за 90 проценти од прашањата околу носењето на новиот деловник во Собранието, проблем останува уште изборот на генералниот секретар и неговите заменици.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста