Пратениците не дебатираа за отпис на камати на долгови

За двата закони за отпис на камати на долгови на граѓани, но и на јавни претпријатија не се дискутираше во собранието. Токму кога точката стигна на дневен ред во Комисијата за финансирање и буџет, седницата беше прекината. Додека претседателката на Комисијата Лилјана Кузмановска објаснува дека ја стопирала седницата бидејќи чека на собраниските служби да ги подготват сите амандмани, од СДСМ сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ го кочи носењето на Законот со поднесување на над 3.000 амандмани. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, обвинуваат дека на овој начин се наградуваат презадолжените јавни претпријатија и се стимулираат да продолжат недомаќински да трошат. Велат дека и покрај тоа што на општините им беа дадени 50 милиони евра за да се раздолжат, тие продолжиле да трупаат нови долгови.

Пратениците на СДСМ ги бранат законските решенија. Додека граѓанските организации бараат камати да простуваат не само ЈП, туку и приватни фирми како ЕВН, БЕГ и Телеком, од СДСМ велат дека допрва ќе се преговара со овие компании.

Законското решение предвидува на луѓето да им се овозможи плаќање на рати, а на извршување да не подлежат приматели на минимален гарантиран приход. Максималната сума пак која може да се скрати од сметките не треба да надминува една петина за оние со примања пониски од просечната плата или пензија. И покрај ова, илјадници граѓани со нетрпение чекаат пратениците да ги изгласаат измените во Законот за облигациони односи со кои се предвидува стриктен рок на застареност на направените долгови. За 13 години, извршителите наплатиле над 1 милијарда евра од граѓаните, меѓу кои и за сметки за комуналии од минатиот милениум.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста