Со недели нема одговор, кога последен пат е направен голем сервис на жичницата на Водно?
Дали жичницата на Водно е сервисирана, а со тоа и безбедна? Многу сериозно прашање за кое ниту ЈСП ниту Град Скопје не најдоа за сходно да дадат одговор. „Алфа“ веќе две недели чека на службите во јавното претпријатие и во локалната самоуправа да кажат кога последен пат е извршен голем сервис на жичницата и дали воопшто има договор со лиценцирана компанија за да го прави тоа.
Официјално надлежните молчат, но, неофицијално дел од вработените тврдат дека тие самите правеле редовен сервис, што не е гаранција ниту за стручноста ниту за безбедноста. Не сакаат да зборуваат пред камера зашто се плашат од претпоставените, но велат дека веќе неколку години самите се грижат за жичницата.
Одговор се обидовме да добиеме и директно од првиот човек на ЈСП, Драги Кушовски, но не би беше дозволено ниту да влеземе во кругот на претпријатието.
„Алфа“ се обрати и до австриската компанија „Допелмаер“ кој ја изгради жичницата и беше обврзана да ја сервисира десет години односно до 2021-та. И оттаму не добивме одговор дали по ова бил продолжен договорот за сервис или за обезбедување резервни делови.
„Жичницата која го поврзува Средно Водно со Милениумскиот крст беше пуштена во употреба во 2011 година и е со должина од 1560 метри. Ја реализираше австриската компанија „Допелмаер“, која беше прогласена за најдобар понудувач, а вкупната инвестиција изнесуваше околу 6.7 милиони евра“.
„Алфа“ по трет пат во две недели ја посети жичницата. Овој пат затекнавме луѓе кои работеа на неа, но, не сакаа да кажат ниту што работат, ниту кој ги испратил, ниту дали се од ЈСП или овластена фирма. Не упатија одговори да побараме во ЈСП.
Граѓаните кои ги затекнавме тука велат дека се чувствуаат безбедно и дека воопшто не размислувале дали се прави редовен сервис.
Последните официјални податоци за состојбата на жичницата се од пред три години. Кон крајот на декември 2021-та беше повторно пуштена во употреба по подолга пауза поради ковид панедмијата. Тогаш градоначалничката Данела Арсовска на социјалните мрежи се пофали дека бил направен редовен годишен сервис и мониторинг од државен инспектор, но, не октри ништо повеќе.
Инаку според стандардите за одржување на жичници, најмалку еднаш во годината треба да биде направена темелна проверка и длабински сервис со подмачкување и проверка на каблите, столбовите, моторите и кабините.
Љубиша Владимиров