Позитивниот тест на министерот Oливер Спасовски може да стави еден куп функционери во изолација

Дали некој ќе оди во изолација откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објави дека е позитивен на Ковид 19, а изминативе денови имаше контакти со многу луѓе од државниот, но и партискиот врв на СДСМ?

Неизвесно е дали Спасовски заразил некого од раководството на партијата, бидејќи во неделата СДСМ го одржа својот 25. Конгрес. Иако Конгресот беше онлајн, сепак партиското раководство беше во една просторија каде освен Заев, говореа и генералниот секретар Љупчо Николовски, но и Оливер Спасовски. Присутна беше и заменичката на Заев, Радмила Шекеринска, потпретседателот Мухамед Зеќири, Сања Лукаревска, пратеничката Снежана Калеска Ванчева…

Од СДСМ велат дека се почитувале мерките, присутните носеле маски и држеле растојание, дури и микрофонот се дезинфицирал.

Доколку здравствените,стручни институции утврдат дека некој претставник на СДСМ треба да биде во изолација, јавноста ќе биде информирана за тоа, велат од СДСМ.

Иако од партијата тврдат се се дезинфицирала говорницата во СДСМ кога се одржуваше дигиралниот конгрес, сепак на дел од снимките не се забележува средство за дезинфекција на површината и кај микрофонот.

Заев вели дека немал блиски контакти со Спасовски без почитување на мерките за време на конгресот, но сепак ќе се тестирал.

Немав директни контакти со Оливер Спасовски надвор од здравствените протоколи за лична заштита. Секогаш држевме дистанца и секогаш носевме маска согласно здравствените протоколи, вели Заев.

Вчера Спасовски садеше дрва со Заев, како и со министрите за земјоделство и за животна средина, Арјанит Хоџа и Насер Нуредини, сепак од Владата, но и лично министерот Хоџа, изјавија дека ги почитувале мерките и дека според протоколите не се обврзани да одат во самоизолација. Хоџа вели дека веќе се тестирал за Ковид и бил негативен.

Првиот човек на полицијата деновиве бил во контакт и со старешината на манастирот Бигорски, отец Партениј од фотографиите објавени во јавноста, ни Спасовски, Партениј не носеа маски, ниту беа на пропишаната дистанца.

Засега не се знае ни колку од врботените во МВР ќе одат во изолација. Од министерството за Алфа велат дека во тек била епидемиолошка анкета за контактите што Спасовски ги имал деновиве.

Инаку иако засега нема никој не оди во изолација и покрај бројните контакти на Спасовски со високи функционери, тоа не беше така кога пролетта на состанокот во Куманово беа исто така присутни голем број од државниот врв каде тврдеа дека се носеле маски, но заради присуство на ковид вирусот кај градоначалникот Димитриевски речиси сите завршија во изолација.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста