Пожарот во Тетово избувнал од краток спој на продолжен кабел на кој бил приклучен дефибрилатор

Пожарот во тетовската модуларна болница настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор, односно апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. При употребата на дефибрилаторот,настанал спој на кабелот и избувнал пожарот,кој веднаш почнал да се шири. Најверорајтно, продолжниот кабел бил со послаб капацитет,па лесно со запалил,со оглед на тоа што дефибрилаторот влече голема количина на струја.
Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. По воочена појава на пламен, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар – пишува во извештајот.
Од Јавното обвинителство посочуваат дека ова вештачење на МВР е само еден од досега обезбедените докази и најавуваат дека се очекува во тетовското јавно обвинителство да пристигнат извештаите и податоците и од други надлежни институции, како и вештачењето од германските експерти.Во соопштението на јавното обвинителство се објаснува и за причините кои придонеле за брзо ширење на огнот низ целиот објект.
Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период. Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот – пишува во извештајот.
По прибирање на сите вербални и материјални докази, по нивно разгледување и анализа, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката, велат во обвинителство. Пожарот во модуларната болница се случи вечерта на 8 септември.Изгореа 14 лица, а 12 успеаја да се спасат.Болницата изгоре за три минути.
Милена Вучевска