Пожарот во Чаир активен и по 15 часа – 30-на возрасни и 13 деца во болница поради труење со чад

Голем пожар ги разбуди станарите од висококатница во скопски Чаир. Огнот се разгорел нешто по два часот по полноќ, а лекарска помош побарале 31 возрасни, 12 деца и бебе, сите поради вдишување на чад. Меѓу оние кои завршија во болница има и еден пожарникар и еден полицаец.

Сите со возила на брза помош биле пренесени на Клиниката за токсикологија и Детската клинка во комплексот Мајка Тереза.

„Се жалеа пациентите на отежнато дишење, кашлица, печење на очите, некои се жалеле на главоболки, на вртоглавици што е вообичаена симптоматологија кај труење со чад“ изјави Андон Чибишев, директор на Клиника за токсикологија.

На Детската клиника биле донесени 12 деца, најмалото е петмесечно бебе, а најголемото на 11-годишна возраст. Сите имале симптоми на труење со чад. Само две деца се задржани, а останатите на барање на родителите биле пуштени дома.

„Беа стабилни и родителите инсистираа да си заминат после неколку часа опсервација. Десет деца по барање на родителите се пуштени дома, а две се задржани на хоспитален третман„ изјави Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести.

Пожарот кој избувнал некаде околу 2 часот по полноќ е изгаснат, информираат од скопската противпожарна единица. Евакуацијата на жителите од зградата одела потешко поради густиот чад.

„Поради густиот чад имавме проблеми за евакуација, имаше многу мали деца, повозрасни луѓе, луѓе со инвалидитет. Пак ке кажам колегите се ангажираа максимално, и успеавме да ги евакуираме сите безбедно“ изјави Ѕвонко Томески, Комадир на скопската Бригада за противпожарна заштита.

Пожарот избувнал во подрумски простории во зграда во скопски Чаир на улица „Прохор Пчински“. Во пожарот интервирале 20 пожарникари со 7 противпожарни возила. Огнот зафатил подрумски простории и продавница. Според информациите на МВР пожарникарите и полицијата успеале да евакуираат околу 100-тина луѓе.

Давид Крстевски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста