Пожарот им уништи се на најсиромашните во Мусинци

Една стара поговорка вели дека каде што е најтенко, таму се кине. Судбината сакаше завчера тоа уште еднаш да се потврди во пелагониското село Мусинци. Силен пожар целосно ја уништи куќата на најсиромашните, 45- годишниот Пецо Митревски и девет години помладата сопруга Маријана Митревска, со три дечиња на десет, седум и пет години. Тие свија семејно гнездо откако  Пецо ја донесе млада невеста од Албанија и со аргатување по туѓи ниви и чување кози, некако се прехрануваа.  Но, на оваа несреќа се надоврза и фактот што кога започна огнената стихија, децата беа сами дома. За среќа, најголемкото девојче ги извлече помалото братче и сестричето, но внатре с`е беше уништено- од мебел, бела техника, документи, пари, облека, покривки, буквално с`е. Противпожарните возила стасаа, кога куќата беше целосно уништена.

-Само што излеговме, кога ни се јавија, вратете се и терајте ја стоката оти гори куќата. Само децата што се спасија, тоа ми е најбитно, само децата. Останавме без покрив на главата. Ако може некој да ни помогне арно, оти тоа никој не го сака. Така ние е, со маки со труд, по нивите. Што да прајме, мора да се живеј, кога нема работа. Мора- низ солзи ни раскажа 36- годишната Маријана.

-Може да е од инсталацијата, не можам н ишто да направам. Да речам дека некој ми потфрли, не можам да правам грев.— Пожарна дојде откако изгоре куќата и не може да стигни оти е оддалечено 35 км-  рече сопругот Пецо.

Синоќа, Советот на Општината Могила донесе одлука за помош со градежни материјали во износ од 3. 000 евра, но уште еднаш се отвори проблемот што оваа рурална општина нема противпожарна заштита, иако покрива голема територија.

Ние во Општина Могила немаме пожарникарска служба, но плаќаме за 4 пожарникари со плати и придонеси во Општина Битола— Далеку се овие села од Битола, е ова е 40 км и дури да дојде пожарната , еве снимките ги гледате, кога ќе дојде. Се пали дење, стигнува ноќе– рече Борче Бучински, член на Советот на Општината Битола.

Како и колку човечката солидарност кај Митревци ќе стаса? Тешко е да се претпостави. Сега, врз нивниот грб налегна оловен товар, а Пецо доживеа тежок шок и замалку целиот вкочанет  ќе се загушеше, ако во последен момент не го спаси еден млад лекар. Ѕгора на с`е, на овие мачни души, според апсурдните законски параграфи, не им следувала социјална помош за трето дете, зашто кога се родило највозрасното девојче, мајката имала престој во Македпонија само 14 месеци, а условот бил да поминат три години.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста