Пожарите не стивнуваат, во моментов е критично на шест локации
Пожарите никако да стивнат. Гори на повеќе места но најкритично е на шест локации. Алармантна е состојбата во селата Тажево и Брезница и кај ловиштето „Јасен“. Се гаснат пламените јазици и на Илинска Планина, кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани.
Се уште е критично и во Демир Хисар, каде гори сува трева, а активни се пожарите и во Македонски Брод и Охридскиот регион.
Од Центарот за Управување со Кризи велат дека се гасне и од копно и од воздух. Досега до нив на телефонскиот број 112 стигнале 2601 повици.
„На единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК добивме 2601 повик, од кои реални биле 1691, или 65,1%, а другите што не биле за итни потреби, биле на бројот 910, или 34,99% од вкупниот број повици“, велат од Центарот за управување со кризи.
Се гасне и во Општина Чашка, кај селата Папрадиште и Ореше, во Петровец, кај селото Градманци, а гори и во Кочани, кај местото „Панаѓур“. Шестиот активен пожар е во Студеничани, кај селата Драчевица и Црвена Вода.
Под контрола се пожарите во Гевгелија, Дојран, Богданци, Пласница, Делчево и Прилеп. Она што некогаш беше преубава зелена шума сега е претворена во пепел.
Денеска хеликоптерот Бел 412 од Одделот за воздухопловни единици на МВР дејствуваше на пожарот кој избувна вчера во реонот на селата Папрадиште и Ореше. Во 11 циклуси беа исфрлени над 20 тони вода, со што беа локализирани дел од жариштата, велат МВР.
Изминатиот период неколку лица беа приведени поради подметнување пожари што предизвика зголемено полициско присуство на терен. Речиси помина еден месец како Македонија се справува со огнената стихија.
Досега околу 9000 хектари површина или колку 12.000 фудбалски игралишта пеплосаа во пожарите. Како што соопштија од Македонски шуми од нивните проценки станува збор за слаба и деградирана шума, односно грмушки, смреки и даб.
Љубиша Владимиров