Повторно штрајк во ЗК “Пелагонија“
Нови бранувања во ЗК “Пелагонија“ од Битола, кој е најголем производител на храна во држвата со петстотини вработени. Денеска, стотина работници излегоа на мирен протест пред дирекцијата , барајќи ја октомвриската плата, а велат дека незадоволството расте поради неизвесноста, што ќе биде понатаму со комбинатот.
– Ништо не знаеме што ќе биде. Нема никој, гледате самите и не лажат како децара мали, денес плата, утре плата – рече Алексо Рилевски.
– Никој не иди од тие што треба да ни каже во кој правец ќе се движи комбинатот и никаков контакт немаме со никого за да каже во што е проблемот и зошто не е исплатено – рече Злате Бутлевски, член на Синдикалниот одбор.
– Срамота е ова, два месеца немаме плата – рече еден работник.
И додека работниците протестираа, неочекувано од Скопје пристигна и меѓу нив се појави еден од сопствениците Цветан Панделески, кој со смирувачки тонови рече дека октомвриската плата ќе биде исплатена до среда и дека ЗК “Пелагонија“ веќе ги пребродува тешкотии со подмирување на обврските кон доверителите, и покрај тешката производствена година со сушата и преполовената реколта со пченка.
– Комбинатот ќе си биде многу подобар отколку што беше. Луѓето ќе си добијат плата, а оној што сака да прави проблеми, ќе си ги прај дома а не кај нас. Комбинатот финансиски е многу јак, без разлика што годината беше катастрофална. Знаете, беше суша и пченка произведовме напола од она што планиравме, а тоа е 4-5 милиони помалку. За среќа, имаме направено таков концепт кој секој месец дава пари од струјата и така ги покриваме трошоците и негативата во земјоделието. Очекуваме дека државата ќе излезе во пресрет и ќе ги плати субвенциите кои не се исплатени на Комбаинатот, а тоа е една плата – рече Цветан Панделески еден од сопствениците.
Според Панделески, покрај доцнењето со иплатата на субвенциите, голем удар врз стратешките и развојните концепти на ЗК “Пелагонија“ е променетата методологија за исплата на субвенции, со која, сега комбинатот како правен субјект може да добие само до 300. 000 евра, за разлика од порано кога добиваа и по 2,5 милиони евра, колку што е платата за една година. Од друга страна, ЈП “Стрежево“ ги има блокирано за побарување од 40 милиони денари, а ЗК “Пелагонија“ од нив со првостепена пресуда за направена штета побарува 60 милиони денари, но овој процес во Судот се влече три години.
Петар Стефановски