Повторно ништо од ветувањата за работниците од прилепски „Еурокомпозит“

Околу стотина вработени од загубарот „Еурокомпозит“ и уште толку кои неодамна ги потпишаа решенијата за да си одат од Компанијата како технолошки вишок, денеска повторно ги активираа протестите, бидејќи како што самите велат, уште еднаш, по којзнае кој пат, биле излажани од државата. Имено, според последниот договор со Владата, до денеска требало да им бидат исплатени по две плати на вработените и по 50.000 денари отпремнина на веќе заминатите работници. Но, ветувањата останале само ветувања, а надлежните сега започнале и со меѓусебно префрлање на топката.

Работниците кои ги потпишале решенијата за технолошки вишок, резигнирано откриваат дека биле принудени да потпишат решенија во кои стоело дека средствата на име отпремнина како  веќе да им биле исплатени.

Згора на се, останатите вработени, се плашат дека ништо нема да се реши ниту со неплатените придонеси за период од 6-7 години, а тоа би значело и помали пензии за нив за околу 4.000 денари.

Ова последно нездоволство, од денеска повторно ги активира протестите на вработените во кругот на фабриката, но со тенденција истите да се радикализираат со блокади на патиштата, како и пред Владата, од каде постојано добивале ветувања дека проблемот ќе им бидел решен со доаѓањето на извесен инвеститор, од кого, засега, немало ништо.

 

Каролина Дурло