Повторно гореше депонијата кај салата „Борис Трајковски“

Пламен, густ чад и смрдеа во Скопје.
Утринава повторно гореше депонијата која се наоѓа во близина на салата Борис Трајковски во општина Карпош, а на само два километри од центарот во главниот град.
Огнот зафатил натрупан шут и отпад, но и дрвја. Околу 8 часот утрината протипожарната бригада откако добила повик веднаш излегла на терен со три возила и девет пожарникари. Од таму додаваат дека пожарникарите ќе останат покрај депонијата во текот на целиот ден.
-Се работи од 8 часот и 10 минути, од самата пријава на поѓарот. Таа е депонија која е повторно активирана. Таа беше еден период затрупана и средена, но сепак несовесноста на граѓаните пак се оформува депонијата. Во координација со градоначалникот на општина Карпош, договорено е маханизација којашто би требало да дојде на испомош на поѓарникарите во дел на превртување на ѓубрето и на санирање на депонијата- вели Владимир Симоновски- командант на противпожарна бригада.
Проблемот со оваа депонија не е нов за надлежните бидејќи гореше и во април минатата година. Истиот простор беше расчистуван за да се прави третиот дел од Градскиот парк а, градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев за дел од порталите изјави дека во овој дел повторно се создавале нови диви депонии и прстот го впери во граѓаните велејќи дека не може да се излезе на крај со нив.
„Влезот во близина на аква паркот од каде влегуваа камиони го затворивме откако ја исчистивме депонијата, но сега си направиле друг пат и од таму влегуваат и прават депонии. Сто пати чистевме, стававме препреки, но џабе, повторно се прават депонии “ – вели градоначалникот Богоев.
Богоев додава дека инспекторите од општината постојано биле на терен, но граѓани истурале камиони со шут и во 5 часот наутро во недела.
Ова не единствената депонија која ги мачи скопјани, а надлежните немаат слух за тоа. Жителите на населбата Маџари за во петок најавија протест токму поради проблемите кои им ги создава депонијата Вардариште, која за скопскиот градоначалник Шилегов е претоварна станица.
Викторија Миткова