Повлечени членовите на комисиите кои требаше да одлучуваат за пругата кон Бугарија

Повлечени членовите на комисиите кои требаше да одлучуваат за пругата кон Бугарија

Повлечени членовите од тимовите  од Министерството за транспорт и од Јавното претпријатие македонски железници – инфаструктура кои беа дел од комисиите за избор на надзор и изведувач на третата фаза од пругата кон Бугарија.

 Ваквата одлука доаѓа по сите скандали кои ги откри новата Влада во врска со овој проект, а најмногу по последната информација дека компании кои сакале да го добијат тендерот вреден 560 милиони евра, преку посредници се обиделе да го поткупат премиерот Мицкоски за да го спроведе. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски обелодени дека на јавниот повик се пријавиле седум компании кои биле несериозни, и ниту една од нив, како што кажа не била од сериозна земја – членка на ЕУ. Владата останува посветена на изградба на железницата, но ќе се работи заедно со Бугарија и со ЕУ за да има проект кој ќе може да се спроведе.

Претставува градежен подвиг зошто треба да се изградат 22 тунели и 56 моста на делница од само 23 километри, прескап е, проценета вредност е некаде околу 20 милиони евра по километар и третото, од страна на Бугарија не е завршена нивната работа затоа што завршува во тунел којшто не оди никаде. Имајќи го предвид сето ова, како и компромитирањето на проектот решивме утрово да ги повлечеме членовите и од Министерството за транспорт и од ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ од евалуационите комисии коишто требаше да направат избор на надзор и избор на изведувач за оваа фаза, а очекувам како што реков во иднина да продолжиме да соработуваме и со ЕУ и со Бугарија и со банките за овој проект да се реализира, но на реален и изводлив начин, потенцира Николоски.

Во поглед на инфраструктурата, министерството се соочува со проблеми и во останатите проекти кои старата власт ги остави недовршени. Николоски обелодени дека има проблеми и на проектирањето за автопатот кој треба да води до ГП Блаце. Наместо по постоечката траса од необјасниви причини проектот сега води по нова планинска траса која би чинела многу поскапо и би била технички многу тешка за изведба.  Автопатот во моментов има проценетата вредност од 240 милиони евра што е 20 милиони евра по километар слично како со пругата кон Бугарија.

Првите два километри со во финална фаза и мислам дека е реално во следните два месеци да бидат ставени во употреба. Во однос на останатите 12 километри или можеби со репроектирање ќе дојдат и повеќе затоа што поентата е и таму да има изводлив пат во делот на проектирање имаме една слична ситуација како со пругата кон Бугарија. Овие 12 километри не се движат по постојната траса на магистралниот пат којшто води од Скопје до границата Косово. Претходното раководство на ЈПДП на чело со Рустеми, одлучило да не одат по таа траса, да одат по нова траса која што е планинска траса од 12 километри од кои шест километри се тунели коишто се многу тешки за изведба и затоа може да ни се случи истото како кон пругата со Бугарија, рече Николоски.

Николоски истакна дека посветено се работи на реализација на патиштата од Коридорот 8 на потегот од источната до западната граница на земјава.

Автопатот Кичево – Охрид се очекува да биде завршен до крајот на 2026 година, а пак за делот Кичево – Букојчани се очекува до пролет да има изведувач и да поччне да се работи. Делницата Букојчани – Гостивар спаѓа во делот кој е под изведба на Бехтел и Енка и на тој потег веќе се работи на експропријација и на проектирање, а очекувањата се дека првите километри ќе бидат изведени следната година.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста