Повлечената оставка на Заев и пораките од надвор го предомислиле Кастриот Реџепи да не поддржи пад на Владата

Стопирањето на оставката на Зоран Заев причина за промена на ставот кај Кастриот Реџепи, барем така уверува пратеникот. По четири дена конечно се појави народниот избраник, кој исчезна дента кога требаше да се гласа доверба на Владата предводена од Зоран Заев.

Запрашан зошто првично се потпишал на иницијативата, па потоа решил да не се појави во Собранието, одговори дека европската иднина на земјата била причина за тоа и можноста да добиеме датум за старт на преговори во декември.

-Потпишав во моментот кога после локалните избори, премиерот Зоран Заев поднесе оставка, Владата немаше кормилар, не се знаеше кој ќе биде наследник. Со тоа се нарушуваше и паѓаше во вода и целиот договор во оваа Влада, во која една од главните определби се интеграциите во Европската унија, изјави Реџепи.

Вели како сојузник на сите Македонци, Албанци, стратешкиот сојузник САД, решил самоволно да се засолни. Се пожали дека имал и закани, но не сакаше да каже од кого, а истите биле пријавени во полиција.

-Не може сега да ви кажам име презиме, бидејќи нели ова е процедура и не сакам да наштетам на процесот. Сум имал консултации како треба да постапам и постапувам по нив. Зборувам за пораки за закани по живот, да не зборам за други пораки и притисоци, изјави Реџепи.

Иако исклучен од партијата, Реџепи вели се уште бил дел од Беса.

-Го разбирам и тоа дејствие поради притисокот на структурите и целиот случај што се случи, но додека не добијам одлука согласно статутот на партијата, потпретседател и координатор на пратеничката група на Беса, изјави Реџепи.

Инаку, Реџепи вниманието во јавноста го привлече во четвртокот, кога во Собранието требаше да се гласа доверба за владата на Зоран Заев, а тој едноставно исчезна и не се појави во Собранието, како еден од потписниците на новото парламентарно мнозинство и неговото отсуство беше клучно да не може да се изгласа недоверба.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста