Повисоките цени „ги јадат“ покачениот минималец и најавениот раст на пензиите

Покачувањето на минималецот и евентуалното зголемување на пензиите по се изгледа нема да имаат никаков ефект. Повисоките примања се уште се само во најава, а веќе се подјадени од повисоките цени. Инфлацијата е на рекордно високо ниво.

Средство за чистење стакло беше 85 денари а сега е 105, тоалетната хартија се продаваше за 110 а сега за 130 денари, корите за пита од 120 достигнаа 160 денари, килограм чајна салама беше 650 денари, а сега е 800 денари, 90 грама чоколадо од 55 стигнаа до 65 денари.

Ова се само дел од поскапувањата во последниов месец што ги откривме при посета на еден супермаркет. Речиси сите производи кои немаат замрзнати цени веќе се продаваат поскапо.

Дека има сериозно поскапување покажуваат и пресметките за синдикалната минимална лошница. Таа во јануари „тежела“ 35.811 денари или дури 770 денари повеќе од декември.

Кога беше најавен поголемиот минималец Владата се пофали дека со две најниски плати ќе може да се наполни оваа кошничка, па дури и да останат пари. Сега, уште пред да почне исплатата на повисоки примања тоа повеќе не е случај.

Во синдикалната кошничка најголемо учество, со над 15 илјади денари, имаат храната и пијалаците, со над 11 илјади учествуваат трошоците за домување, а најмал удел од 745 денари има одржувањето на здравјето.

Според последните податоци на Народната Банка годишната инфлација односно годишниот раст на цените во јануари изнесувал 6.7%.

Според монетарната власт најголем удел во зголемената инфлација имаат поскапените храна и енергенси, а очекувањата се дека таа ќе остане висока и во идиот период. Стабилизирање е можно во дури во втората половина од годинава.

  • Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата и актуелните геополитички тензии, се наведува во соопштението од Народната Банка.

Нов бран поскапувања следува веќе од први март. Тогаш ќе престанат да важат замрзнатите цени на основните производи. Производителите и трговците најавија покачувања на лебот, млекото, маслото, месото и на другите прехранбени продукти.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста