Повеќето пожари се под контрола – уште гори кај Македонски брод, на Илинска планина и кај Богданци

Повеќето пожари се под контрола – уште гори кај Македонски брод, на Илинска планина и кај Богданци

Додека еден пожар стивнува, друг се разгорува. Македонија веќе повеќе од месец дена се бори со пламените јазици. Денеска гори на 16 локации, од кои седум се уште се активни, а најалармантно е во Македонски брод, Демир Хисар, Дојран и Охрид.

Уште гори во пределот кај село Tажево, Брезница, на Илинска планина во реонот кај селата Витово, еденод краците кон ‘Јасен’, Базерник, Мали Илино и Брежани, a пожари има и на територијата околу Дојран, во реонот кај селото Фурка кон Богданци.

Од Центарот за управување со кризи велат дека само во последното деноноќие на бројот 112 добиле 2562 повици.

„Во моментов изгаснати се три пожари еден во Валандово и два во Гостивар. Гори во село Слатина и на Галичица во Охрид и во Чашка во селата Папрадиште и Ореше, како и во Петровец во село Градманци. Под контрола се ставени пожарите во Пробиштип, во селата Зелениград и Јамиште, во Охдир, во Косел, Расино Опеница и Вапила, во село Пласница е изгаснат додека во село Латово се уште чади. Гори и во Делчево, Зелениково и Студеничани“, велат од Центарот за управување со кризи.

Пожарите направија пустош во Македонија. Од „Национални шуми“, велат дека огнените јазици пеплосаа неколку региони, уништија илјадници хектари шума и предизвикаа ненадоместлива штета. Надлежните се постојано на терен и вршат увид на опожарените места.

Се прават првичните проценки и планови како да се санираат опстошените делови од огнената стихија. Во пожарите се уништени илјадници хектари шума, за која ќе биде потребно најмалку 50 години за да се обнови, велат од Национални шуми.

Станува збор за опустошување на „белите дробови“ на најубавите планински предели во земјата. Поради многу сушното и топло време кое ќе продолжи во текот на неделава, како и поради ветерот кој повремено ќе биде со засилен интезитет, постои зголемен ризик од појава на нови шумски пожари во Македонија

Температурите се очекува да стигнат и до 37 степени.

Пламените јазици кои дивеаа, одземаа и човечки живот. Возрасен маж почина во кумановското село Кокошиње, задушен од чад. Во борбата со пожарите повредени беа и четворица пожарникари. За само еден месец, изгорени се и повеќе од 400 објекти, куќи и викендички во источниот дел на Македонија.

Од вчера е отворен и хуманитарен пункт во Скопје каде граѓаните ќе можат да однесат конзервирана храна, облека, патики, мебел, душеци и разни други материјални добра, кои потоа ќе бидат однесени во 30-тина села и раздадени на околу 400 домаќинства.

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста