Повеќе од сто деца вратени во пренатрупаниот мигрантски центар Клинт

Повеќе од сто деца мигранти се вратени во прифатниот центар Клинт на границата помеѓу Тексас и Мексико, само еден ден откако беа префрлени оттаму поради лоши услови, соопштија американските погранични служби.

Околу 250 деца беа преселени од пренатрупаниот центар откако адвокатите, на кои судот им дозволи пристап, изјавија дека тие се „сериозно занемарени“, пренесува Би-Би-Си, наведувајќи дека бројот на мигранти кои се уапсени на границата во мај достигна највисоко ниво од 2006 година.

„Њујорк тајмс“ пишува дека сто деца се вратени во Клинт откако се направени измени за да се намали пренатрупаноста во тој објект. Весникот наведува дека децата таму се држени со недели.

Еден од правниците кој го посети Клинт рече дека децата биле заклучени во „страшни ќелии“. Според него, тоалетот се наоѓа во средината на просторијата во која децата јадат и спијат.

– Никој не се грижи за децата. Тие не одржуваат хигиена редовно, изјави професорот Ворен Бинфорд од универзитетот Вилиамет во Орегон и додаде дека неколку стотици деца се сместени во еден магацин кој е во рамки на центарот.