Повеќе од два века затвор за „27 април“: Што понатаму?

Повеќе од 2 века затворски казни за настаните од 27 април во Собранието на Македонија, за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, сите 16 осудени до правосилноста на пресудата ќе бидат во притвор. Уште од самиот старт на судскиот процес, и во јавноста и кај експертите се поставуваше прашањето дали ваквата класификацијата на делото е можеби престрога и неоснована.

За поранешниот прв човек на БЈБ, Митко Чавков, за кого Судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска пресуди, највисоки 18 години, нарачката од власта била реализирана.

-Нарачката на мафијата која владее во Република Македонија е реализирана: Монструозно обвинение- неосновано. Драконска казна, пишува на Фејсбук Чавков.

За Јавното обвинителство правдата е задоволена, сега веќе осудените во овој случај пак велат дека нема ниту П од правда. Се поставува прашањето што понатаму. Адвокатот на Чавков, Сашко Дукоски, за Алфа вели дека оваа одлука на Кацарска нема да ги помине ниту повисоките судови во Македонија, а доколку не дојде до смена на пресудата и на Апелација и Врховен, правдата ќе ја бараат во Стразбур.

-Ова што е направено со оваа пресуда прилично сум сигурен дека не може да го помине тестот на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, значи не може да го помине тестот. Од толку работи, правни работи, да ако сега почнам да ви ги наведувам, сигурно сега сме петок навечер, до недела ќе ви ги наведувам, вели Дукоски за Алфа.

Митко Чавков не побара од судот амнестија, која му се нудеше со законот кој се изгласа во Собранието, а според Дукоски истата требало да ја добијат сите, бидејќи никаде во модерните демократии селективна амнестија не постои.

-Дали некаде во светот, со голема почит кон демократската држава во Африка, наречена Бурунди, јас сметам дека ни во Бурунди нема селективна амнестија. Значи не може некој да биде еднаков, а некој да биде поеднаков од еднаквите, вели Дукоски за Алфа.

Спротивно од праксите, Чавков беше притоврен пред изрекувањето на пресудата, поради службена белешка од полициски службеник, кој од некаде слушнал дека поранешниот министер за внатрешни работи имал намера да бега во вила на Халкидики, која била во негова сопственост. Чавков најави тужба за според него фингираната белешка.

-Вилата на Халкидики ( ако ја најдете да постои), ја поклонувам на ,,истражувачките новинари“.  Најавувам тужба за фингираната службена белешка, порача Чавков.

Сите осудени имаат право на жалба до повисоките судови, а каква ќе биде одлуката таму останува да видиме во иднина. Колку би траел овој процес исто така е незивесно. Правници за Алфа коментираат дека постапката може да тече брзо, но и да се одолговлекува. Јане Ченто порача дека историјата ќе ги ослободи. Само оперскиот пејач Дурловски, еден од водачите на протестите „За заедничка Македонија“ доби ослободителна пресуда.

Матеја Петровски