Потребни ѕидари за пристојно живеалиште на семејество од Штавица кое живее во очајни услови

    Надлежните подолго од еден месец со прст не мрдаат за да му помогнат на семејството Кулески од прилепското село Штавица, кое живее во очајни услови. Но затоа, на помош притекнуваат хуманите граѓани. Бројни се донациите во храна и облека, а сега, група граѓани прави напори да им изгради и ново пристојно живеалиште, веднаш до старата куќа, која пак, само што не им се урнала врз глава. За градежниот материјал, собрани биле и средства, но недостигаат ѕидари.

  „Фирма ни излегоа во пресрет…и ни спуштија што е можно повеќе за да може колку-толку да ги обезбедиме материјалите за да се направи куќата…..Се’ зависи од тоа да се најдат мајстори за таму…исто ќе треба некоја фирма да се пријави како машинерија за да се ископа за темел…„– вели Кристина Манасиева од Охрид.

   Марта и Гоце денеска ги затекнавме во дворот. Благодарни до ТВ Алфа што го отвори нивниот 15-годишен проблем, со нетрпение ја очекуваат изградбата на новата куќичка. Се радуваат што нивните две малолетни ќерки, 13-годишната Ангела и 10-годишната Елена, конечно ќе имаат топол дом.

   „Досега од Социјалното не се дојдени…Помош треба, пари немам динар, еве и социјално не земам…Сум имал овци, шо овци, со 30 овци и не ми следувало социјално..1000 денари земав, сега не земам ич…Еве, ќе појдам овчар, некој денар ќе извадам, колку за нив, за мене нема ништо, ни за мене, ни за жената, за децата има, мора да има…Друго ќе биде во таа куќа, не во оваа сета попадната, капи, грга вода…“, – ја раскажува својата болна приказна, главата на ова семејство Гоце Кулески.

   Во моментот на нашата посета, пристигнаа и девојчињата од училиштето во соседното село, каде што учат. Денеска беа чисти и во нова облека. Мајка им Марта вели, таа облека била од донациите. Среќна е, но и преблагодарна на сите граѓани кои им донирале, иако, срамежливо признава дека помошта постојано им е потребна.

   „Децата не ги давам…јас сум мајка и колку можам ќе се грижам“, – ни рече Марта Кулеска.

    Од надлежниот Центар за социјална работа, досега нема никаква активност, иако уште минатиот пат, оттаму ни ветија дека веќе наредниот ден ќе го посетат семејството, што пак, беше многу чудно, бидејќи Кулески вака живеат веќе 15 години. Овој пат, директорот не ни одговори ниту на телефонските повици, ниту пак на испратената порака.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста