Потпишано барањето за екстрадиција на Палчо, неизвесно е дали ќе бара политички азил

Потпишано барањето за екстрадиција на Палчо, неизвесно е дали ќе бара политички азил

Министерот за правда Кренар Лога го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо кој беше уапсен во Турција и откако ќе се преведе веднаш ќе биде испратено до тамошните власти. И покрај тоа што ОЈО и Министерството за правда веднаш го подготвија и потпишаа барањето, неизвесно е дали Палчо како лидер на партија ќе побара политички азил и постапката ќе се одолговлечи. Министерство за правда очекува соработка со колегите од Турција и во најкус можен рок Палчо да биде изведен пред лицето на правда.

„Министерството за правда ја започна постапката за екстрадиција и ја прибира целата документација од институциите што е потребна за нејзино спроведување. Воспоставени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје со цел соодветно комплетирање на досиејата за тоа како може да постапи Министерството за правда. Се координираме со сите надлежни институции да постапат веднаш и нема да чекаме да истече рокот од 40 дена за поднесување барање за екстрадиција“, соопштија од ресорот правда.

Се додека не заврши постапката за екстрадиција, прво-осомничениот за убиството на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче, ќе биде задржан во екстрадициски притвор во Турција.

Покрај барањето за екстрадиција, комплетната документација содржи и опис на осомничениот, податоци за него, обвинение, пресуда или одлука за негово притворање и препис од делата за кои се сомничи.

Пред да стигне во Турција, Палевски бил однесен во Белград, со автомобил кој го управувал неговиот адвокат и престојувал во хостел. Од таму на 2-ри декември, друг возач, Стефан Димовски, го качува Палевски во возило Ленд Ровер и со него преминува на бугарска територија. Патот на бегството на Палевски продолжува  до турска граница, каде двајцата поминуваат преку граничниот премин Капитан Андреево. Димовски го остава Палевски на турска територија, и со тоа ја завршува неговата работа.

Според, објавените информации од органите на проганот, Палевски е лоциран во Беликесир и уапсен на автопат, пред да биде  транспортиран со такси до Истанбул.

Откако ќе биде испратено барањето за екстрадицијата до турските власти, тие одредуваат кога Палевски ќе биде спроведен до македонска граница. Веднаш штом ќе стапне во Македонија, Палевски заминува во 30-дневен притвор, кој веќе му е одреден од страна на Кривичниот суд.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста