Постои ли уште една компанија вклучена во скандалот со набавката на кинеските вакцини?

Се одмотува клопчето со скандалозната набавка на кинеските вакцини. Допис кој стигнал до редакцијата на порталот Плус инфо ја поставува дилемата дали вкупната сума која што имал намера да ја плати министерот за здравство изнесува 12,5 милиони долари и дали во зделката е вклучена уште една компанија поврзана со фантомската фирма од Хонг Конг.

Станува збор за допис со кој сениор менаџер на банката потврдува дека нејзиниот клиент Trans Border Gmbh, во својство на афилирана компанија на Starbi International Services Co Ltd, има намера да склучи договор за набавка на вакцини во вредност од 12,5 милиони долари – пишува Плус Инфо.

Вообичаената цена на вакцината „Синофарм“ е околу 30 долари по доза, дури некои земји како поголеми купувачи ги набавуваат по 26. Африканската држава Сенегал пак, ја платила по 20 американски долари. Според најавите на здравствените власти дека планираат да купат 200 000 дози од вакцината, една доза би ја платиле за 62,5 долари. Сепак бројот на дозите, заедно со вредноста на зделката се клучни за да се потврдат или отфрлат сомневањата дека биле испланирани провизии, како што се коментира во јавноста.

Претседателот на Демократскиот сојуз, чија партија е коалициски партнер на владата на СДСМ, за Алфа открива дека власта нема цврст договор за имунизација на населението. За аферата со вакцината „Синофарм“ вели дека тука е бил заплеткан македонски бизнисмен кој бил дел од низа криминални случаи.

Еден клучен елемент за кој што се шпекулира е кој е основач на фирмата во Хонг Конг, двајца или тројца основачи. Или не знам една или две фирми кои што се вклучени. Натаму се зборува за еден посредник кој е многу присутен во јавноста во сите криминални афери, ако истата персона е вклучена и тука тогаш работава смрди дека тука нешто не било чисто – изјави претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Расчистување на случајот се уште не е на повидок оти никој од надлежните, освен декларативно, не прави ништо конкретно. Три дена по скандалот, сите ја префрлаат топката. ОЈО очекува некој да пријави, и не најави истрага по допрен глас. Само антикорупциска одлучи да собира податоци за евентуално отворање предмет.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста