Постигнат договор меѓу СДСМ и ДУИ- Собранието конечно ќе профункционира

Собранието конечно ќе профункционира. На два месеци по изборите, коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, по се изгледа се договориле чии кадри ќе раководат со собраниските комисии. Покрај атрактивните места во извршната власт, Интегративците ќе добијат и важни комисии во законодавниот дом.

Во ек на корона криза, пратеник на ДУИ можеби ќе раководи со Комисијата за здравство. Интересно е што тие може да добијат и претседателско место во комисијата за образование во моменти кога државата се подготвува за старт на учебна година каква што немало досега.

-ДУИ ќе раководи со три комисии и тоа знаеме дека согласно надлежноста претседателот на Собранието ја води Уставната комисија, ќе раководиме исто така со здравство и дилемата е дали ДУИ ќе раководи со Европски прашања или образование, изјави Меџити.

Веќе од поодамна се познати министрите и останатите високи владини функции кои си ги поделија коалиционите партнери, а наскоро ќе се знаат и заменик министрите, како и директорите на државните институции, соопшти премиерот Заев.

Покрај владејачките партии, партиски активности има и во ВМРО-ДПМНЕ. Избрани се 14 нови претседатели на Општинските комитети, избрани се членови на Извршниот комитет на Унијата за млади сили, а формиран е и патриотски институт со кој ќе раководи Александар Пандов.

Раководството на партијата ја потврди и одлуката за протестен собир поради поскапувањето на струјата и осиромашувањето на граѓаните.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста