Поставувањето на монтажните болници оди бавно

Сѐ уште не е конкретизирано кога ќе биде поставена монтажната модулна болница во Гевгелија, откако иницијативата беше прифатена на состанокот на општинскиот штаб за заштита и спасување. Како што нѐ информираше директорот на општата болница д-р Митко Крџев – најпрво треба да се добие одобрение дека може да почне да се гради монтажната болница на предвидената локација – паркингот во близина на болницата во Гевгелија.

Д-р Крџев вели дека предвидено е да биде поставен тријажен центар со стационар и дека лекарите се подготвени да се справат со најавениот есенски бран на Ковид 19, но ќе се примаат само пациенти со лесна и умерена клиничка слика.

  •  Болницата може да се справи со ваквиот предизвик, но, бидејќи нема да може да се пополнат одредени кадри, како анестезиолози, во монтажната болница ќе бидат сместени пациенти со лесна и умерена клиничка слика. Целокупниот центар ќе биде под строго обезбедени услови без опаснот за околината. Критичните пациенти ќе се препраќаат до други соодветни центри.
    Тој додава дека немаат недостиг од медицински сестри, и дека и сега праќаат во Скопје на помош за справување со корона кризата. Ќе се вклучат и екипи на лекари кои ќе го држат под контрола центарот.

Општина Гевгелија треба да се погрижи за соодветната инфраструктура, потребна за нормално функционирање на монтажната болница.
Гевгелија е една од 16-те општини во земјава во која е предвидено да се изгради монтажна болница, по препорака од Министерството за здравство. Се поставува прашањето дали навреме ќе бидат поставени сите монтажни болници пред најавениот есенски бран, бидејќи досега се поставени само две.

Дијана Тасева

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста