Поставен командир на пожарникари без соодветно искуство

Битолската градоначалничка  го прекршила Законот за пожаникарство, бидејќи дала согласност, професор по физичко воспитување,  да биде избран за командир на одделение во Противпожарната територијална единица во Битола, без соодветно тригодишно искуство во оваа дејност, иако на јавниот оглас  имало уште двајца кандидати со соодветно искуство. Со ваква реакција, на прес излегоа од  ВМРО ДПМНЕ.

Наташа Петровска грубо ги прекршува законите со последниот избор за командир на одделение во битолската Пожарна, со тоа што, незаконски и спротивно на чл. 11 од Законот за пожарникарство, избрала кандидат- Александар Ангелевски професор по физичко образование, спротивно на условите и соодветното ниво Б-4 за командир на одделение- рече Стефани Најденовска, портпарол на ВМРО ДПМНЕ во Битола.

Во Соопштението од Општината, се вели дека Ангелески е вработен согласно Законот за пожарникарство , во целост ги исполнува условите за командир на одделение и дека изборот го извршила Комисијата, а не градоначалничката Петровска.

Меѓутоа, така не мислат од  Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија, кои упатија писмено известување до Наташа Петровска, со укажување дека е прекршен законот и да не дозволи да биде манипулирана од Комисијата за избор. Во зависност од нејзината реакција, ќе следат и нашите натамошни постапувања, рече синдикалниот лидер Тони Бошковски.

Иако јавниот оглас беше објавен на 30 јануари, решението е донесено дури минатата недела, а Ангелески како командир кој води смена, веќе работи од четвртокот.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста