ПОСТ – ВИСТИНА
Ноември 2024 година е пресуден за меѓународната политичка и економска состојба во светот заради одржувањето на изборите во САД заедно со изборите кои оваа година се одржаа во речиси сите поважни земји. Кованицата пост-вистина беше најмногу промовирана во годината на првиот избор на Претседателот Трамп, време кога се одржа и познатиот Брегзит. Иако терминот е доста постар и меѓу првите го употребува еден драматург од Балканот, зборот пост-вистина стана идеолошки важен поврзано токму со изборите во САД.
Станува збор за процес во кој јавното мислење се формира повеќе врз база на емоции и импулсивност отколку врз основа на фактите. Во време кога интернетот ги направи утврдените факти достапни секому, наместо победа на вистината преку институции и академски извори, јавното мислење се креира врз основа на емоционално определени аргументи. Односно ги охрабрува читателите да претпостават факт базиран повеќе на нивните емоции и верувања отколку на реалноста. Евентуално ги охрабрува да не ги поврзуват нужно фактите со вредностите.
Го потенцира личниот систем на вредности онакви какви што му се иманентни во моментот. Тука улога има развојот на групната психологија и особено равојот на когнитивните сознанија. Имено алгоритмите со кои работат апликациите на интернет го препознават сечиј вкус, ја читат волјата и мислата на секој што го допира екранот на својот телефон и, умеат да се расправат со сечија идеологија, да ја оспорат сечија аргументологија. На таков начин тој што има пристап до слични алгоритми би бил во ситуација некако да го придвижува јавното мислење во одреден правец.
Времето на пост-вистина се проучува како време на лесна прифатливост на аргументи со примеса на социјални дезинформации најчесто во областа на екологија, климатски промени , вакцини, тек на актуелните војни и политика. Еден драстичен пример е познатиот случај Пицагејт во кој имаше сериозни обвинувања за злоупотреби, па упадот на човек со оружје во спомнуваната Пицерија беше припишано на ваквите континуирани нафрлања на разни аргументи. Пост-вистината беше утврдувана во САД, Русија, Кина, Турција и некои други.
Емоционалните настапи на Доналд Трамп, неговата импулсивност како лична карактеристика во односот со јавноста заедно со некои изјави беше поврзувана со можностите за емоционално влијание врз одредени факти. Особено во моментот кога јасно им посочуваше на конкретни медиуми дека шират лажни вести за него како кандидат.
Според тоа, едно од актуелните прашања на западната хемисфера е дали утврдената и вечна вистина за трајниот прогрес и подем на златниот запад ќе биде доведена во прашање овој ноември. Дали бранот на емоциите ќе исфрли на површина нова верзија на западот која очигледно за сите не е сосема прифатлива. Односно, дали животот на јавното мислење продолжува со пост- вистина преку пад на одредени вредности на западот.
Во меѓувреме истокот некако успева да се прегрупира, да се среќава на форуми и да даде понуда на редица нови термини со кои се стабилизира домашната политичка атмосфера. Таа се стимулира и потоа се насочува кон сосема други очекувања од западот наместо досегашните демократија и либерализам. Редица на нови термини се појавија како геополитика, небополитика, хронотоп и слично.
Еден од овие термини е Хронотоп. Односно поврзување на времето и просторот. Ако геополитиката е зависност на политика од простор, а небополитика поврзаност со временските циклуси на цивилизациите, хронотоп е точката во која тие се преклопуват. Се забележува дека идејата за пост- вистина некако паѓа во заден план кога можноста да се прошири видикот на читателот станува дофатлива.
Хронотопот има сложена дефиниција и покажува дека одредена цивилизација некое време може да прифати нечии нови вредности, идеи и сретства. Особено ако е под притисок и закана. Може да направи и компромис и да создаде прифатливи модели на однесување. Но, во одреден момент секоја цивилизација ќе ја покаже својата вистинска природа, својата исконска вредност впишана во генот низ векови.
Најдобро се опишува преку еден драстичен пример. Најпознатиот сликар на сцени од Отоманската империја со француско потекло во своите патувања низ империјата бил поканет на вечера кај некој млад Паша. Се изненадил дека Пашата бил облечен ала франга, дека неговото живеалиште било прикладно на современата европска култура на живеење. Пашата се претставил дека студирал во Париз и дека од таму си донел и европска послуга заради вакви гости. Сликарот бил воодушевен од овој млад прогресивен европски Паша на османлиите.
Во еден момент сликарот и пашата почнале да зборуват за уметност и пашата му забележал дека на сликите уметникот нереално прикажува декапитација на човек. Му објаснувал анатомски како неговите идни цртежи треба да се променат. Уметникот како реномиран европски и академски сликар тврдел дека неговите дела се доста автентични како самиот бил сведок на сцени со отсечена глава.
Но, пашата бил упорен во автентичноста на уметноста. Се симнал долу во своите визби каде држи осуденици и за скоро време, се уште облечен во европскиот редингот, се вратил со примерок во својата рака. Од сцената уметникот бил згрозен. Откако се освестил и дошол на себе сфатил дека една цивилизација никогаш нема да се смени трајно. Може да научи туѓи манири, да се преоблекува по потреба, но срцевината е секогаш автентична.
Значи додека пост- вистината може да го смени или да не го смени западот во месец ноември, времето непроменливо е на страна на цивилизацијата која на еден или друг начин ќе им одржи лекција на сите кои мислат дека се апсолутни господари на вистината.