Последни преговори за петтиот пакет антикризни мерки – нема платежни картички

Газдите не разбрале добро. Никогаш немало неповратна помош за исплата на плати, само можност ако исполнуваат услови да не ја вратат целосната сума, односно таа помош да се претвори во грант. Вицепремиерот Битиќи вака го објаснува барањето на бизнисмените од јануарската плата да продолжат субвенциите за плати на работниците. Сега се размислува меѓу два модели: меѓу досегашната помош и бескаматни кредити. Поверојатна е втората опција. Битиќи тврди дека пари ќе има за сите фирми кои ќе побараат, а дел од финансиите можат да се претворат во грант.

  • Условите би требало да останат исти. И во суштина на сите на кои им е потребна да ја добијат помошта. Затоа што не би требало и не размислуваме за критериуми на кои на некои ќе им кажеме нема пари па сега вие ќе останете без пари. Значи не класична кредитна линија. Само го менуваме супститутот затоа што ова е во духот на развој, ова е во духот на заздравување и ова е во духот на рестарт -вели Фатмир Битиќи – Вицепремиер за економски прашања.

Поделба на платежни картички или пари на трансакциски сметки ќе нема во 5-тиот сет антикризни мерки. Вицепремиерот вели им се помогнало на 700 илјади луѓе, но овојпат се предвидува отпишување на каматите на долговите на граѓаните кон јавните претпријатија, а тоа, според него била помош која опфаќала повеќе луѓе. Делењето на картички и ваучери за патувања според Битиќи не било популизам.

  • Искрено за популизам не можам да зборам, затоа што знам дека 700 илјади граѓани добија финансиска поддршка, ако ја земете целата коалиција која што владее нема земено 700 илјади гласови, а ако беше директен популизам тоа ќе значеше дека сега ќе владеевме како во Северна Кореја – вели Фатмир Битиќи – Вицепремиер за економски прашања.

Стопанствениците, пак, освен помош за плати побараа на граѓаните да им се поделат токму картички за да се стимулира домашното производство, а не пари на трансакциски сметки како при 4-тиот сет, кој го оценија како неуспешен. Синдикатите пак сакаат помошта за плати да легне директно на сметките на работниците за да се спречат злоупотреби. Во тек се последните преговори за 5-тиот пакет мерки за помош на стопанството кој ќе тежи од 50 до 60 милиони евра. Бизнисот го очекуваше многу порано, но за мерките Владата треба да пресече неделава. Владата до крајот на декември помогнала со 350 милиони евра или едвај една третина од  вкупно предвидените над една милијарда евра со 4-те пакети антикризни мерки.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста