Последни очајнички обиди на премиерот Заев да го убеди Брисел да ги започне преговорите со Македонија

Европската Унија ќе се залага Македонија и Албанија заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одлагање, вакви ветувања му дала шефицата на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен на премиерот Зоран Заев на средбата во Брисел. Според неа ова бил важен процес кој не требало да ги одложи преговорите.

– ЕК ќе се вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман бидејќи, ова е многу важен процес кој не смее да го одложи стартот на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ.  Се залага за двете земји, Северна Македонија и Албанија, заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одлагање, рекла Фон дер Лајен на средбата со Заев.

Премерот Заев пак очекува разбирање и посветеност од бугарска страна за интеграциите. И порачал на Фон дер Лајен дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите.

„Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, порача на средбата со претседателката на ЕК Фон дер Лајен премиерот Заев.

Јасните пораки на Вархеји за исклучување на Македонија од пакетот со Албанија како можно европско сценарио денес пак по средбата со Заев ги снема. Умерен вели дека Советот е на потег да дојде до договор за преговарачката рамка.

Добри разговори со премиерот Зоран Заев денес за  потребата од официјално започнување на пристапните преговори со  Северна Македонија: Важно е Европскиот совет да постигне договор за преговарачката рамка што побргу. Зборувавме и за борбата против ковид и имплементацијата на економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, напиша Вархеји по средбата на Твитер.

Изјавите на Вархеји за одвојување на Македонија предизвикале лавина негативни реакции во Брисел. Австрискиот весник „Стандард“ пишува дека висок службеник на ЕК изјавил дека пораките на еврокомесарот наишле на  чудење во Брисел.

– Не разбираме што му стана, ние секогаш велевме и, и понатаму ќе велиме: Северна Македонија ги исполни сите критериуми. Напротив: држави како Данска, Холандија, но и Германија- која влегува во изборен период- никогаш нема да одобрат да се започнат преговори само со Албанија. Не подготвуваме никакво раздвојување, а исто така нема потреба ниту од нов извештај на Комисијата, наведува претставникот на ЕК.

По посетата на Брисел, Заев заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров ќе оди за Мадрид, а дипломатската офанзива ја завршува во на Економскиот форум во Грција.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста