После „Еуростандард“: Пари во банка или под перница, граѓаните и „за“ и „против“

Пари во банка или под перница, колку се сигурни заштедите во банките, после пропаста на „Еуростандард“? Граѓаните со поделени во размислувања. Дел од нив велат дека немаат доверба, но добар дел смеаат дека заштедите им се сигурни.

Да бидам искрен после пропаѓањето на „Еуростандард“ банката немам доверба во банкарскиот систем, тоа е мое мислење што се однесува до штедните влогови, па и каматите на граѓаните, вели еден граѓанин за Алфа. Други пак смируваат – Мислам дека „Еуростандард“ банка е само еден пример, па тоа не значи дека нема да имаме доверба во други банки, имам доверба да, и имам нешто ситно заштедено, ни рече една жена.

Пропаѓањето на „Еуростандард“ банката создаде многу главоболки, но и прашалници кај штедачите, но и кај граѓаните чии штедни влогови ги чуваат во други банки.

Метежот кој деновиве на големо се создаде пред банките бил поради отворање нови сметки, велат банкарите. Од експозитурите велат дека не забележале невообичаени повлекувања на пари, кои би можеле да се поврзат со настаните околу „Еуростандард“ банката.

Дека нема никакви повлекувања на депозити, и покрај пропаѓањето на „Еуростандард“, велат и од Народната банка. Оттаму велат дека квалитетот на сопствените средства на банкарскиот систем е исклучително висок, и околу 90% се состојат од редовниот основен капитал.

Со ваквите перформанси, банкарскиот систем е во кондиција со којашто во секој момент може во рамки на максимумот да одговори на потребите на клиентите и ефикасно да им овозможи користење на банкарските услуги и производи, вклучително и квалитетна и соодветна кредитна поддршка и клучно – безбедност за нивните депозити, уверуваат од Кабинетот на гувернерката Анита Бежовска-Ангеловска.

Според Народната банка, заклучно со јуни годинава, граѓаните во домашните банки и штедилници чувале заштеди од 4,56 милијарди евра.

Анализирано на годишно ниво, депозитите на домаќинствата се зголемени за 8,7%, пред сè поради повисоките депозитни пари, како и краткорочните депозити во странска валута, информираа неодамна од Народната банка.

Инаку, во „Еуростандард“ банка се чувале заштеди од 71,5 милиони евра, а над 130.000 штедачи ќе бидат целосно обесштетени од Фондот за осигурување депозити, и тие ќе земат сума до 30.000 евра. Штедачите со над оваа сума, парите ќе ги чекаат од стечајната маса.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста