Поскапувањето на струјата ќе ги зголеми цените на производите. Спиралата на раст на цените е неминовна, но се уште не се знае дали компаниите ќе реагираат веднаш или пак по неколку месеци. Од Бизнис конфедерацијата велат премногу давачки се зголемиле за краток период. Прво акцизата на горивата, а сега струјата, а можеби и греењето. Велат ова ќе биде огромен трошок за стопанството и граѓаните. Се надеваат дека компаниите нема веднаш да почнат со поскапувања на производи и услуги. Но и да не се случи тоа, трошокот ќе морале некако да го компензираат. Една од опциите е и намалување на платите на работниците.

Поскапувањето на струјата дојде во најлош момент, во време на корона кризата, која ќе предизвика и економска рецесија. Бизнисмените се револтирани. Велат срамота е трошоците на неколку енергетски компании, од кои најголем дел се државни фирми кои раскалашено трошат да ги покриваат граѓаните и бизнисот кои кубурат со пари и се на работ на егзистенцијата. Инаку ланската година, Државните електрани и МЕПСО, како и приватната ЕВН ја завршија со милионски добивки.

Сите сега бараат новата Влада да го намали ДДВ на струјата за колку толку да се ублажи ценовниот шок. Властите се правдаа дека и покрај растот на цената на струјата земјава била меѓу државите со најниска цена на електричната енергија од 0,097 евра за киловат час. Тоа е поевтино од државите со најниска цена на струјата во Европската Унија, Малта , Литванија и Унгарија, но не и од ЕУ-членката Бугарија каде што струјата изнесува 0,095 евра за киловат час. Македонските граѓани плаќаат поскапа струја од оние во Србија (0,07), Косово (0,06), Грузија (0,06), Турција (0,08), Албанија (0,08), Босна и Херцеговина (0,08), Украина (0.049) и други.

Тања Попова