Посетата на папата ќе го парализира Скопје

Без лична карта или пасош граѓаните нема да можат да влезат на плоштадот „Македонија“. Безбедносните протоколи поради посетата на папата Франциск ќе бидат на највисоко ниво, поради што, Владата од граѓаните бара трпеливост за достоинствен пречек на врховниот свештеник на римокатоличката црква. Рестриктивна зона каде нема да биде дозволено движење со автомобили почнува од улицата „11 октомври“ од раскрсницата со булеварот „Кочо Рацин“ до онаа со улицата „Димитрије Чуповски“.

-Рестриктивна зона каде нема да биде дозволено движење со автомобили почнува од улицата „11 октомври“ од раскрсницата со улицата „Кочо Рацин“ до раскрсницата со улицата „Димитрије Чуповски“, забрана за возила исто така ќе има и на улиците „Даме Груев“, „Македонија“, „Васил Главинов“, „Св Климент Охридски“ и „Илко војвода“. Булеварот „Мајка Тереза“ кај клиничкиот центар исто така ќе биде забранет за возила од 8 и 15 до 10 и 15 и во попладневните часови. Сообраќајот ќе се одвива по споредни улици. Непречено движење на сообраќајот ќе има на улиците „Кочо Рацин“, „11 октомври“ до „Борис Трајковски“, „Св Кирил и Методиј“, булеварот „Партизански одреди“, улица „Самоилова“ и ул.„Гоце Делчев“, велат од МВР.

Од 7.30 до 9 часот затворен за сообраќај во двете ленти ќе биде и патот од Меѓународниот аеродром Скопје до влезот на градот додека пак сообраќајот на автопатот Велес-Скопје ќе се одвива преку Миладиновци-Идризово.

Се апелира граѓаните утре да ги остават автомобилите дома, да користат јавен превоз, земајќи предвид дека треба да ја проверат рутата на автобусите. Жителите на Центар нема да смеат да се движат со возила доколу навреме не ги тргнат од зоната „Голем ринг“. Оние што ќе останат дома, кога ќе поминува Франциск не треба да стојат на балконите. Од централното подрачје ќе „исчезнат“ контејнерите, па „центарци“ ќе бидат принудени ѓубрето да си го почуваат до заминувањето на поглаварот на римокатоличката црква.

Од МВР не споделија колку полициски службеници ќе бидат ангажирани, а нема детали ниту пак за тоа кои безбедносни мерки биле побарани од Ватикан. Од таму на прашање на Алфа кратко одговорија дека имало соработка.

Сите прегледи во здравствените установи закажани преку опцијата „Мој термин“ нема да се реализираат. Клиничкиот центар ќе работи само за итни случаи. Сите што ќе имаат потреба од лекар, ќе треба да одат во Градската општа болница „8 Септември“ (Воена болница), како и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (поранешна Градска болница).

Сања Трајковска Ставров