Посетата на Папата ги испразни скопските улици, граѓаните останаа дома

Навидум празно Скопје. На денот кога низ главната метропола прошета врховниот свештеник на римокатоличката црква, низ скопските улици недостасуваше вообичаениот сообраќаен метеж. Освен празните булевари, објективот на Алфа ги забележа полициските службеници долж улиците, но не забележавме поголема раздвиженост на возила надвор од централното подрачје.

Голем број на граѓани беа ослободени од обврските. Дел од приватниците ги послушаа советите на надлежните и денеска не отворија. Во централното подрачје, каде важеше посебен режим на движење главно работеа кафулињата и рестораните.

Освен оние кои го орагзнизираа и се грижеа за обезбедување на денешниот настан, полни раце работа имаа и здравствените работници. Клиничкиот центар – прилагоден на посебните меѓународни стандарди, со цел најбрзо да се одговори на евентуални итни медицински потреби. Освен пред Детската клиника и Гинекологија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ речиси немаше пациенти.

Поради ова, во градската општа болница „8 Септември“ само до пладневните часови се извршени 17 операции на пациенти што побарале лекарска помош.

И во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ лекарска заштита им се пружа на граѓаните што имаат потреба од неа.

Посетата на папата Франциск одложи голем број на операции, но надлежните уверуваат дека за секоја една од нив можело да се почека. Вонредните мерки завршуваат со заминувањето на поглаварот на Римокатоличката црква.

Сања Трајковска Ставров