Поригорозен полициски час од среда- за време на викендите сите дома

Поригорозен полициски час на територијата на цела Македонија. Од среда граѓаните нема да смеат да излегуваат од своите домови по 16 часот, додека пак забраната за движење за сите граѓани ќе важи во текот на целиот викенд.

-Се забранува движење за сите граѓани на ниво на цела територија секој работен ден од понеделник до петок од 16 часот до пет часот наредниот ден. За време на викендот се забранува движење за сите граѓани за сите граѓани од 16 часот во петок, до пет часот наутро во понеделник, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Посебен полициски час ќе има и за постарите, како и за младите до 18 години. Лицата над 67 години ќе смеат да излегуваат од понеделник до петок, од 10 до 12 часот, додека пак малолетниците ќе смеат да ги напуштат своите домови од 13 до 15 часот. Дозволено ќе биде земјоделците да излегуваат во атарот на селата, исклучиво за извршување на работните обврски.

-Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа на здравствените установи. Исклучоците од забраната за движење ќе важат за полицајците, здравствените работници и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, изјави Спасовски.

Техничкиот премиер ги повика граѓаните да ги почитуваат овие мерки, како не би дошло до уште построги мерки, со цел што побрзо справување со коронавирусот.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста