Ѓорге Иванов стана Почесен доктор на науки на Универзитетот Тракија во Едрене, Република Турција

Ѓорге Иванов стана Почесен доктор на науки на Универзитетот Тракија во Едрене, Република Турција

Во периодот 27-28 ноември 2023 година, поранешниот мнакедонски претседател Ѓорге Иванов оствари посета на градот Едрене во Република Турција. Посетата се оствари на покана на универзитетот по повод Одлуката на Сенатот на Универзитетот Тракија за доделување на титулата Почесен доктор на науки на Претседателот Иванов. Церемонијата на доделување на титулата се одржа во присуство на голем број високи гости од Република Турција. Ректорот на Универзитетот Тракија, проф. д-р Ерхан Табакоглу, во присуство на членовите на Сенатот, професори и студенти, ја предводеше свечената церемонија. На свечениот чин на доделување на почесната титула на претседателот Иванов присуствуваа високи претставници на локалната власт на Едрене, академици, професори од другите универзитети во регионот, како и Гувернерот на Едрене, г. Јунус Сезер, претставникот на МНР на Турција за Едрене, Амбасадорот Мурат Ахмет Јорук, и Почесниот конзул на Република Македонија во Едрене, г. Есер Џевахир.

По свеченото врачување на Почесниот докторат на науки, честитајќи го едновековниот јубилеј на турската република и заблагодарувајќи се до Универзитетот Тракија за високата укажа чест, поранешниот претседател Иванов одржа предавање на темата „Османлискиот модел на соживот меѓу Муслиманите, Христијаните и Евреите“ и предизвика голем интерес кај присутните гости, професори и студенти на Универзитетот Тракија. Инспириран од актуелните настани кои предизвикуваат огромна загриженост и страв за иднината кај сите нас – војните и конфликтите на Блискиот и Централниот Исток, војната меѓу Израел и Хамас во областа Газа, војната во Украина, заканите за мирот во Централна Африка – претседателот Иванов, осврнувајќи се на војните и конфликтите низ историјата, зборуваше дека таквите настани во светот секогаш ја отвораат темата за суштината на секоја војна и можноста од мировни решенија на конфликтите.

Претседателот Иванов за време на посетата на Едрене, покрај средбите со раководството на Универзитетот Тракија и разгледувањето на универзитетскиот кампус, оствари средба со студентите од Република Македонија кои студираат на различни факултети во рамките на овој универзитетот и со проф. д-р Џунеис Нурески од Република Македонија кој предава на овој универзитет. Исто така, претседателот Иванов оствари и одделни средби и со Валијата, односно Гувернерот на Едрене, г. Јунус Сезан, а го посети и Почесниот конзулат на Република Македонија во Едрене, каде имаше прилика за срдечна и пријателска средба со почесниот конзул, г. Есер Џевахир.

Претседателот Иванов како актуелен Претседател на Република Македонија во периодот од 2009 до 2019 година е добитник на многу меѓународни признанија и награди, а имаше чест да му бидат врачени повеќе титули на почесен доктор на науки, односно почесен докторат/професор на следните реномирани универзитети: ТОББ Универзитетот за економија и технологија во Анкара; Универзитетот „Истанбул“ во Истанбул; Универзитетот „Димитрие Кантемир” во Букурешт; Југозападниот универзитет за финансии и економија во Ченгду, Кина; Московскиот Државен Универзитет „Ломоносов” во Москва; Универзитетот „Хаџи Бекташи Вели“ во Невшехир; Универзитетот „Џумхуријет” во Сивас. Претседателот Иванов има титула на почесен доктор на науки на Бугарската академија на науки во Софија и на Академијата за јавна администрација на Азербејџан во Баку. Исто така, од 2012 година е Протектор на Европската академија на науките и уметностите, а од 2013 година е член на Светската академија на науките и уметностите.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста