Пораката која цело време ја испраќаат осудените за 27-ми април: Бараме правда, не бараме милостина

Бараме правда, не бараме милостина, ова е пораката која во текот на целиот судски процес за собраниските настани, но и во годините минати во затворските ќелии, ја испраќаа и ја испраќаат осудените за 27-ми април. А пред камерата на Алфа ја испратија и дел од нивните бранители.

Адвокатот Драган Пешевски, кој во овој случај бесплатно го бранеше Горан Ангелов, вели дека осудените мора да бидат ослободени за делото терористичко загрозување на уставниот поредок.

-Апелација ја намали казната тривијално, значи ние не баравме казната да биде намалена, ние баравме за ова дело за кое обвинетите се гонети да бидат ослободени. Значи ние не баравме милостина, ние баравме правда, никој тука не е терорист и никој тука не го загрозил уставниот поредок на Република Македонија, изјави Пешевски.

На истиот став дека оваа пресуда е нелогична е и адвокатот на Митко Чавков, Сашо Дукоски. Според него секоја пресуда би требало да се заснова на докази искажани на главната расправа, а не на, како што вели, нарачани, фингирани, сведочења  кои се преточени во драконски казни.

-Па тие луѓе се заборавени 5 години таму. Ова е нонсенс, правен нонсенс,  и нека ме повика некој, ако не е ова копи – пејст ако ова не е нонсенс. Се уште се надевам дека владее правото, и се уште се надевам дека врховниот суд, како највисок суд, ќе ги увиди сите грешки, и сите нонсеси. Ова беше класична проституција, класично ништење на се што се нарекува право, изјави Дукоски.

И адвокатот Еленко Миланов вели дека ни под разно ова дело не може да биде терористичко загрозување на уставниот поредок. Прашува и зошто истата квалификација не била за нападот на канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов за време на Шарената револуција.

-Зошто терористичко загрозување на уставниот поредок не беше нападот на институцијата претседател, туку таму се одеше со сосема друга правна квалификација. Ако нешто можеше да биде тоа можеше да биде насилство за сите оние кои преземаа реални најсилни дејствија во тоа Собрание, како што голем дел од луѓето во стартот и беа осудени за таа правна квалификација, можеше да има учество во толпа, изјави Миланов.

Според многумина овие луѓе добиле неправда, неправда која покрај тие самите ја трпат и нивните семејства. За ова говореше Панче Тошковски, споменувајќи го примерот со синот на неговиот клиент Митко Пешов.

-Кој ќе биде одговорен за нивната репресија, за нивниот живот? Кој ќе биде одговорен за жртвата на нивните фамилии? Синот на Пешов официјално беше одбиен од конкурс од МВР само заради  тоа дека е негов син. Пишуваше, „ве известуваме, бидејќи за вашиот татко се води кривична постапка, и вие претставувате безбедносен ризик за Македонија“ А неговиот татко 23 години животот го дал за РМ. Ај што трпат обвинетите, и децата нивни трпат, изјави Тошковски.

Кога и дали конечно ќе дојде правдата за овие луѓе не се знае. Предметот сега е пред Врховниот суд, кој нема рок за одлучување, а барањето на осудените и нивните бранители е јасно, поништување на пресудата и почнување нов судски процес, каде нема да се одговора за делото терористичко загрозување на уставниот поредок.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста