Поради Трамп или Русија – сеедно, европските членки на НАТО подготвени да вложат повеќе пари во одбраната

Поради Трамп или Русија – сеедно, европските членки на НАТО подготвени да вложат повеќе пари во одбраната

Американските власти присуствуваа на отворањето на американска база за одбрана од балистички проектили во Полска, што беше планирана уште од 2008 година. Варшава ја пофали посветеноста што ја покажаа последователните претседатели на САД.

„САД се навистина, во многу опиплива смисла, гарант за безбедноста на Република Полска, како и на целата северноатлантска алијанса“, рече претседателот на Полска Анджеј Дуда.

Топли зборови за Вашингтон – но под површината има нервоза околу посветеноста на идниот претседател на САД, Доналд Трамп за безбедноста на Европа.

Во 2017 година, Трамп го означи НАТО како „застарен“ и постојано ги критикуваше сојузниците на НАТО.

„23 од 28-те земји-членки сè уште не го плаќаат она што треба да го платат, не само за другите туку и за својата одбрана. Ова не е фер кон луѓето и даночните обврзници на САД“, рече Доналд Трамп.

На НАТО самитот во 2018 година, сојузниците рекоа дека Трамп се заканил дека ќе ги повлече САД од алијансата доколку европските нации не успеат да ги зголемат воените трошоци. Трамп тврдеше дека имало успех.

„Сите се согласија значително да ја зголемат својата посветеност. Тие тоа ќе го направат на нивоа за кои никогаш порано не размислувале“, рече Доналд Трамп.

Трамп предизвика дополнителни шокови на НАТО во февруари оваа година за време на кампањата.

Сојузниците на НАТО може да очекуваат повторно притисок околу трошоците кога Трамп ќе ја преземе функцијата, вели Фабрис Потиер, поранешен шеф на НАТО за планирање политика.

„Не сум толку сигурен дека можеме да зборуваме за егзистенцијална закана за НАТО, како во 2018 година. Но, можете да сметате на него, дека ќе води многу тешка зделка. Дополнителен акцент на тоа не само да се постигне повеќе или помалку од целта од 2 отсто, туку евентуално да се постави основа за 2,5 или 3 отсто на следниот НАТО самит во јуни во Хаг“, рече Фабрис Потиер од „Расмусен Глобал“.

Ваквиот пристап веројатно би бил поздравен од многу европски држави, по руската инвазија на Украина.

„Сојузниците од источниот фронт како Полска, на пример, но и Балтикот, па дури и нордиските земји, сега всушност го гледаат тоа како добра работа. Но, мислам дека сè уште постои одредена загриженост низ Алијансата дека Трамп може да го поткопа кредибилитетот на колективната одбрана“, рече Потиер.

Доналд Трамп го назначи лојалистот Метју Витакер за свој кандидат за амбасадор на САД во НАТО.

Во писмената изјава, Трамп рече дека Витакер „ќе ги зајакне односите со нашите сојузници во НАТО“ – и дека „ќе ја стави Америка на прво место“. Неговото назначување сè уште треба да биде одобрено од Сенатот на САД.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста