Поради студот и пандемијата, битолчани останаа дома за Водици

Битолчани речиси и да не паметат толкав мал број на верници на денешниот голем христијански празник Богојавление- Водици. Екипата на АЛФА, во оваа кочан- зима која деновиве тука донесе големи студови, го посети соборниот храм “Свети великомаченик Димитриј”, обезбеден  со полиција и редарски служби, но и пандемиски протоколи, каде со архиерејската литургија чиноначалствуваше митрополитот Петар.

Повеќе од еден и пол век традиција за Богојавление или Водици, кога се фрлал крстот, во соборниот храм “Св. Великомаченик Димитриј”, меѓутоа, денеска дворот е празен, а ниските температури утрово од – 13 степени, потсуството на фрлање крст и секако пандемијата, ги отвратија луѓето да дојдат тука. Сите очекуваат подобри времиња, зашто еве денеска некрстните денови завршија.

Невообичаена слика, наместо десеттина и повеќе илјади верници во црковниот двор како порано, овој пат верници што на прсти се бројат и сите  беа со различно расположение и надеж за поубава иднина.

-За многу години да е, да си чекаме стално Бог е во нас, вакви се условите и на тоа се приспособивме- рече една верничка. – студено е времето, а ма се е нормално и треба да се придржуваме на мерките-  рече друга верничка.- Што е тука е, да се надеваме дека вгодина ќе биде поарно- рече еден битолчанец. – Чудно и необичн о за нашата вера, ама тоа е тоа- рече  друга битолчанка.- што недаваат со короната се џитка во базенот, ама порано беше поинтересно- рече друг верник.

И што уште да се рече. Бог се јави и некрстените денови завршија, а вековната христијанска традиција вели, наредните денови и месеци, треба да ни донесат поубави моменти во секојдневието и здравјето. Меѓутоа,  без најава и без протоколи, фрлање на крст имаше во дворот на црквата “Св, недела”, а полицијата воопшто не интервенираше.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста