Попустливоста на Владата ја доведе Македонија до овој ќорсокак- дали власта ќе попушти на уцените од Бугарија?

Досегашната попустливост на Владата ја доведоа Македонија во оваа позиција на ќорсокак, пред се поизвесна блокада од Бугарија на патот кон Европската Унија, сметаат експертите. Но што понатаму? Универзитетскиот професор Владимир Божиновски вели дека е потребна заедничка декларација меѓу власта и опозицијата во Собранието, каде јасно ќе бидат пишани црвените линии од кои Македонија нема да помине во спорот со Бугарија.  

-Очигледно дека власта не е спремна за таков потег, затоа што видовме дека и на самата расправа која што беше иницирана во Собранието тие не се појавија. И мислам дека со тоа дополнително се влошува позицијата на Македонија. Од една страна ја имаме Бугарија која има декларација во Парламентот прифатена од сите партии, а од друга страна ја имаме власта во Македонија која што едноставно се обидува да ја избегне дискусијата во однос на ова прашање, вели Божиновски за Алфа.

Божиновски вели дека Македонија откако ги прифатила сите црвени линии на Грција, сега и Бугарија на таа карта смета дека од наша страна повторно се ќе биде прифатено. Според Божиновски гледајќи што се случувало во минатото, големи се шансите македонската Владата да потпадне под бугарските уцени.

-Иако сега тврдат дека нели нема да прифатат она што го бараат Бугарите, а тоа е откажување од македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Видовме дека во изминатите години имаше многу други тврдења кој што се покажаа целосно неточни. Нема да ме изненади и да се обидат на некој начин да и продадат на македонската јавност и да прифатат она што го бара Бугарија, што ќе има катастрофални последици по самото суштествување и постоење на македонската држава, вели Божиновски.

Според Божиновски по ваквиот дипломатски шамар за Македонија, потребна е одговорност од власта, но сепак не верува во такво нешто.

-Со оглед на тоа што политиката што ја водеа доживеа целосен дебакл, веќе се губи и причината за понатамошно суштествување на оваа власт, затоа што очигледно сите нивни ветувања се базираа на лаги, вели Божиновски.

Македонската јавност и опозицијата веќе со денови бараат одговори, што разговарале и договориле Димитров и Османи со Захариева во Берлин, но од власта молк на овие прашања.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста