Поповски не е загрижен од коруптивните скандали што ја тресат Владата

“Рекет 1”, “Рекет 2”, случајот Рашковски и најмалку дузина коруптивни скандали ја тресат Владата предводена од СДСМ, но тоа не го загрижува Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски. За него било поважно тоа што барем јавноста дознава за овие случаи, иако ниту еден од нив не доби никаква разрешница.

Прашање од Алфа: Велите дека Владата активно ќе се вклучи во процесот за борба против корупцијата, а против функционери во Владата и во јавните институции откриени се коруптивни скандали, а има и кривични пријави за дел од министрите…

„Добро…И…тоа е супер, тоа така треба да биде, значи имате отворен пристап на сите функционери кон јавноста, ношто не се крие. Тие што грешат се на очиглед на јавноста. Антикорупциска постапува и земете предвид дека во изминатиот период имавме тешки моменти, нели ? Политички премрежја итн, во тие моменти овој состав на антикорупциска постапуваше и кон поранешни и кон сегашни функционери и тоа така треба да продолжи. Затоа велам на крај одговорноста е и пред законите, но и етичка и морална на оние кои што прават некакви девијации или не ги почитуваат функциите на кои што се избрани“, одговори министерот Роберт Поповски.

Но министерот за отчетност заборави да каже дека најголемите скандали кои ја тресат оваа власт јавноста главно ги дозна преку медиумите, а не поради транспарентноста и отчетноста на институциите. Денеска Антикорупциската комисија почна кампања за намалување на корупцијата во државава. Според првата антикорупционерка, Ивановска, во следните два месеци во соработка со повеќе институции, ќе се обидат да изработат мерки кои ќе треба да се спроведат за да се намали корупцијата во државата.

„Не е само државната комисија за спречување на корупцијата таа што треба да се бори за спречување на корупцијата во државата, треба да се бориме сите , изјави претседателката на Антикорупциска“, изјави Билјана Ивановска.

Новиот состав на Антикорупциската комисија од почетокот на годинава има изготвено 9 кривични пријави против функционери, а до нив се стигнати седумстотини претставки од правни и физички лица за сомнежи за корупција и судир на интереси.

Елена Марковска