Поплавени домови и заглавени возила по секој дожд во Муртино

По силниот пороен дожд деновиве, струмичко Муртино повторно се поплави. Главната улица беше целосно под вода, а возило пропадна во еден од одводните канали кои прелеаја. Ваквата слика е секојдневие по секое невреме или дожд – велат жителите. Повеќе од 15 години, уште кога Заев беше градоначалник на Струмица,  им се ветува дека проблемот ќе биде решен, но, до денес никој ништо нема преземено, а тие се соочуваат со големи штети. Велат надлежните се глуви за нивните молби и иако досега поднесувале барања за помош, само еднаш добиле оштета.

Оние што живеат во центарот на селото, каде што се собира најмногу вода, велат дека давале и до 5000 евра од свој џеб за поправка и замена на уништената покуќнина. Се жалеле и до општината, проценки се правеле, но штетите не се исплаќале. Тие бараат од надлежните да се ангажираат околу решавањето на проблемот, бидејќи е срамота и за странците што минуваат оттука и на кои не им е познат теренот, па со возилата завршуваат во каналите. За ситуацијата да биде уште полоша, проблем е и фекалната канализација во селото, која, како што велат жителите, не е целосно спроведена.

Дали треба да живееме во вакви услови на зараза, нечистотија и смрдеа, што поплавите ги оставаат зад себе, прашуваат жителите на Муртино. Последен пат од власта им беше ветено комплетно уредување на главните одводни канали по должината на главната улица, се до влевањето во Моноспитовскиот канал, но сето остана во предизборието: ветено и толку.

 

Дијана Тасева  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста