Пописот започна, останаа повиците за бојкот- ќе заврши ли успешно попишувањето?

Попишувачите излегоа на терен, пописот во Македонија започна среде пандемија. Дали на крајот ќе биде успешен или сепак не, останува да видиме. Најголем проблем може да претставуваат се позачестените кампањи, да не се отвора врата. Ако се решите на ваков потег, нема да добиете никаква казна, единствено како што најави директорот на Статистика Апостол Симовски, ќе треба да ги истрпите упорните попишувачи, кои дури и по 1.000 пати ќе тропнеле на вашата врата. Единствени кои ќе добијат казна се оние кои ќе ја отворат вратата, но ќе одбијат да ги дадат своите информации.

-Прекршочна е пријавата ако треба да се поднесе. Ние ќе се обидеме на сите можни начини да ги убедиме граѓаните дека учеството во пописот е во нивни интерес и да не одбиваат, а ако мора само во тие ситуации таа постапка ќе ја покренеме. Пријавата е прекршочна и се однесува на сите членови на домаќинството. (Ако не отвораат немате можност?) Ќе дојдеме по 1.000 пати на таа врата, вели Симовски.

Поради фактот што пописот се одржува во пандемија, кога бројките на заразени и починати се загрижувачки, големи се шансите луѓето од страв да не ја отворат својата врата, што во најлошото сценарио би довело до пропаѓање на целиот процес. Симовски вели во такво нешто воопшто не верувале.

-Апсолутно не размислуваме на тема да пропадне пописот. Било кој кој што се обидува на било кој начин и од било која причина, не не интересира причината да овој процес пропадне, повторувам не им мисли добро на своите граѓани, не и мисли добро на својата држава. Тоа се поинакви цели, ниту се во функција да ги заштитат граѓаните од ширењето на ковидот, доволно водевме сметка на тој дел, изјави Симовски.

На денот кога започна пописот, Симовски вели најголем дел  од попишувачите, биле вакцинирани, но сепак имало и такви што немаат примено вакцина. Не сакаше директно да одговори дали би можело да се доведеме до ситуација за оддолжување на процесот, ако голем број домаќинства каде ќе дојде неимунизиран попишувач, побараат вакциниран.

-Немаме никакво законско право да ги условуваме сите да бидат вакцинирани, иако дури и организиравме посебна можност да се вакцинираат тие што не биле вакцинирани, ама секој оној граѓанин кој ќе инсистира да биде вакциниран попишувачот, ќе му ја обезбедиме таа можност. Меѓутоа, повторувам, уште не знам колку пати ќе го повторам тоа, ако ги почитувам протоколите неважно е дали попишувачот или граѓанинот е вакциниран, изјави Симовски.

Директорот на Статистика потенцираше граѓаните да примаат само попишувач кој има специјална легитимација од ДЗС, бидејќи секој без истата, можел да биде обичен провокатор кој сака да наштети на целиот процес на попишување.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста