Попишувачите и денеска не се на терен, Симовски упатува одговори да се бараат во Владата

Системот за попишување падна на вториот ден од најголемата статистичка операција и од тогаш не профункционира како што треба.  Попишувачите и инструкторите и денеска не се на терен,а првиот човек на државниот завод за статистика, Апостол Симовски упатува – одговорите зошто не се попишува населението, да се бараат од Владата. Од Илинденска најавија соопштениe, но во меѓувреме стигна известување од Државниот завод за статистика: Во тек е надминување на помали технички предизвици кои повремено се појавувале претходните денови.

Пописната електронска апликација работеше само првиот ден, па препројувањето беше прекинато поради тоа што паднал интернетот, па  системот бил исклучен, а попишувачите вчера не излегоа на терен поради државниот празник.  

Од друга страна, граѓани сведочат за Алфа дека откако ги примиле попишувачите дома, и им ги дале сите информации кои им ги побарале, системот паднал, па многу веројатно е дека ќе треба повторно да бидат попишувани, бидејќи е можно да исчезнале дадените податоци. Од ДЗС во денешното соопштение уверуваат дека сите внесени податоци се успешно процесирани во системот.

Во јавноста се создаде сомнеж, дека крахирањето на пописната апликација, може да резултира со погрешни резултати, па дури и дуплирање на попишуваните, но Симовски уверуваше дека такво нешто нема и не може да се случи. Се уште е непознато и дали попишувачите редовно добиваат информации –  на која адреса, граѓаните се во изолација поради контакт или зараза со ковид-19, за да не си го доведуваат во прашање сопственото здравје. Ако се решите сепак да не им отворите врата на попишувачите,  нема да добиете никаква казна, единствено ќе треба да ги истрпите упорните попишувачи, кои дури и по 1.000 пати ќе тропнеле на вашата врата. Единствени кои ќе добијат казна се оние кои ќе ја отворат вратата, но ќе одбијат да ги дадат своите информации.

Пописот на населението, домаќинствата и становите кој официјално започна на 5 септември ќе треба да заврши до 30 септември во што уверуваат од  ДЗС, но со оглед на проблемите на кои засега им нема крај , се наметнува прашањето дали ќе треба да се пролонгира попишувањето на граѓаните и домаќинствата.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста