Попис: за СДСМ законски и успешен, за ВМРО-ДПМНЕ политизиран и некомплетен

Бројките се поразителни, а пописот е некомплетен и политизиран. Ова е првичниот став на ВМРО-ДПМНЕ по објавувањето на резултатите. Според најголемата опозициска партија 132 илјади луѓе односно 7.2% биле административно попишани, па со тоа бројките не може да бидат целосни.

Имаме 7,2% коишто го бојкотирале пописот тоа се повеќе од 132.000 граѓани, а живеат во државата. Имајќи предвид дека дел од Македонците овој попис го бојкотираа. Бројките на ДЗС требаше да се соопштат откако ќе се дефинираше припадноста на секој жител кој не се попишал или не се изјаснил на пописот. Затоа денес имаме некомплетен попис во овој дел – изјави Антонио Милошоски.

Владејачката СДСМ пак се пофали дека пописот бил успешен спроведен, согласно законите.

Задоволни затоа што успешно спроведен попис после 20 години, за прв пат комбиниран попис којшто се спроведе во ек на пандемија со сите заштитни протоколи и исклучително успешен кога 99 % ќе бидат попишани тоа е резултат со којшто не можат да се пофалат ни многу развиени европски држави – изјави Калевска Ванчева.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на својот Фејсбук профил објави дека по 20 години, Македониај имала појасна слика за населението.

Македонија по 20 години има појасна слика во однос на вкупното население и процентот на заедниците во државата. Албанците се 29,5% од вкупното население и 24,3% од резидентното население, додека во градот Скопје 22,8% (од 20,04% во 2002 година) – напиша Али Ахмети.

Додека Ахмети се фали, од Левица критикуваат за фингиран попис, под палката на ДУИ. Најавија и кривични пријави.

„Овој процес не беше ништо освен една политичка операција изведена под палката на ДУИ, а одобрена од СДСМ.  Врзаниот потпис на заменик директорот на ДУИ, за да може да ги добиеме овие, би ги нарекол, буквално фалсификувани и штелувани резултати кои што ги добивме“ – изјави Борислав Крмов.

Во податоците се сомневаат и од Алијанса за Албанците.

Но на прв поглед ги изразуваме нашите резерви во веродостојноста на овој процес, особено во два сегмента. Над 132,000 граѓани се импутирани и не попишани на терен, додека ние сметаме дека бројот од околу 260,000 грѓани кои што живета надвор не соодвествува со реалноста и со публикуваните податоци до сега од страна на меѓународните организации – изјави Халил Снопче.

Европската Комисија пак, го поздрави пописот –  нарекувајќи го големо достигнување, а обновените податоци за населението според нив, ќе бидат од суштинско значење за демографските и економските политики во земјава.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста