Попис: Ќе има рокади на попишувачите за граѓаните кои нема да примаат невакцинирани попишувачи
На два дена од почетокот пописот, од Државниот завод за статистика уверуваат дека се е подготвено да се спроведе најголемата статистичка операција, а можниот недостаток од попишувачи, ДЗС ќе го решава со вработените од државните и локалните институции со договор на дело, според наредбата која ја издаде Владата. Тие допрва го разгледуваат списокот, а попишувачите од понеделник до среда ќе треба да бидат обучени.
Веќе ги прибираме сите информации од овие институции. Ќе има попишувачи секаде, за овие луѓе ќе биде организирана дополнителна обука од понеделник, вторник и среда, така да тие, имаме доволно време од 26 дена, да ги вклучиме таму каде што треба. За среќа мала е потребата, мал број на попишувачи требаат меѓутоа, нема да недостасува попишувач никаде вели Апостол Симовски-директор на ДЗС.
Вакцинирани биле поголем број од попишувачите, но доколку граѓанин одбие да биде попишуван од невакциниран попишувач, ќе му пратат имунизиран вели Симовски. Според него, техниката на рокада на попишувачите не била важна туку конечно да се спроведе пописот.
Техниката не е толку битна. Битно е дека ќе овозможиме и кај тој скептичен граѓанин да дојде вакциниран попишувач. Тоа ќе го обезбедиме, меѓутоа апелирам уште еднаш до сите граѓани, дали попишувачот е вакциниран или не битно е секој од нас да ги почитува протоколите. Во таков случај никој буквално никој нема да биде доводен во било каква опасност вели Симовски.
И за премиерот Заев нема проблем во малиот процент на невакцинирани попишувачи, се ќе се решавало со флексибилност на терен и рокада на попишувачите. И министерот за правда, Бојан Маричиќ тврди дека се создадени сите предуслови за безбеден, брз и кредибилен попис, а подговени биле и попишувачите.
Додека надлежните се убедени дека се е подготвено, од коалицијата „Не отварам врата“ побараа од Македонската академија за науки и уметности да формираат експертска влада која би спровела попис, во стабилна епидемиолошка состојба – со изменета методологија и усогласен со европски стандарди.
Од националниот блок „Не отворам врата“ претходно се заканија со бојкот на пописот и побараа од пратениците да го одложат. Пописот почнува во недела на 5 септември во 8 часот и ќе трае до крајот на месецов. Од Владата нагласија дека пописот е задолжителен а секој што ќе организира непослушност и отпор ќе одговара кривично за што се предвидени и затворски казни.
Викторија Миткова