Помпео во Атина ќе ја цементира стратегиската соработка со Грција

Помпео при пристигнувањето утринава во Црна Гора

На својата мини-балканска турнеја американскиот државен секретар Мајк Помпео вечерва ќе престојува и во главниот град на Грција. Тој во Атина ќе се сретне со премиерот Киријакос Мицотакис и со шефот на дипломатијата, Никос Дендијас.

Грчките медиуми објавија дека во фокусот на разговорите ќе биде стратегиската соработка меѓу САД и Грција.

Висок претставник на Стејт департментот рекол дека ќе се разговара за продлабочување на дипломатската соработка меѓу двете земји. На маса ќе се стави и дневниот ред за Стратегискиот дијалог кој ќе се одржи во Атина на 7 октомври.

„Помпео и премиерот (Мицотакис) ќе бидат во можност да ги постават темелите на Стратегискиот дијалог кој опфаќа повеќе прашања за кои работиме со Грција – очигледно станува збор за одбраната и безбедноста“, изјави претставникот на Стејт департментот.