Помошта од шест илјади денари можеб ќе треба да се врати ако не се троши на домашни производи

Владата без конкретен одговор дали граѓаните кои ќе добијат 6 илјади денари помош на сметките, ќе треба да ги враќаат парите назад ако ја потрошат цела сума, но не само на македонски, туку и на странски производи. Вицепремиерот Битиќи тврди дека процесот ќе се знае кога ќе се изгласа конечното законско решение. Имало механизми на контрола. Банките ќе треба да ги враќаат на буџетска сметка непотрошените пари, но не се знае што ќе се случи ако некој несовесно ги потроши сите пари, а нема ниту денар на сметка. Дали ќе треба да ги враќа парите? Битиќи верува дека граѓаните ќе бидат дисциплинирани и  дека ќе трошат исклучиво на домашни производи. Исто така изричито негира дека се можни злоупотреби и фаворизирање во процесот на избор на продавници од кои ќе биде дозволено да се пазарува, чиј избор ќе го прави Владата.

Битиќи потврди дека ќе продолжат вработувањата во преполнетата администрација. И покрај тоа што ќе има отпуштања и пензионирања согласно новиот закон, се уште имало сектори каде недостигал кадар.

Работниците и пензионерите, пак, ќе чекаат подобри времиња за да им се зголемат примањата. СДСМ и коалициските партнери нема ниту следната година да почнат да ги остваруваат ветувањата за пораст на минималецот, платите  и пензиите. Вицепремиерот Битиќи вели дека во првите 6 месеци од следната година ковид кризата и натаму ќе биде во фокусот на Владата, па за зголемување на платите може најрано да почне да се размислува дури следното лето.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста