Половина планета се собра на самитот на Неврзаните во Белград

Шест децении по првиот собир, Движењето на неврзаните денеска и утре повторно во Белград. Србија ја организираше средбата на делегации од 105 земји од целиот свет, претседатели и премиери и 44 министри за надворешни работи со 550 учесници.  Своевремено, тогашна СФРЈ беше еден од основачите на организацијата, која се формира од потребата за баланс во екот на Студената војна како противтежа на двата блока предводени од САД и тогашниот Советски Сојуз.

Движењето на неврзаните треба да постави „нови столбови“ за соработка во иднина, и покрај подемите и падовите, убеден сум дека историјата на Движењето на неврзаните е успешна приказна –ПОРАЧА ДЕНЕСКА ВО БЕЛГРАД, НА ОТВОРАЊЕТО НА САМИТОТ, српскиот претседател АЛЕКСАНДАР Вучиќ.

„Тоа што Белград повторно ќе ги собере неврзаните земји е потврда на угледот на Србија во светот и нашите граѓани треба да бидат горди поради тоа. Ова е можност за сите слободарски земји кои водат своја политика, сакаат да соработуваат и никого не угнетуваат да направат план и програма за иднината и да соработуваат многу подобро“, кажа српскиот претседател Александар Вучиќ.

Србија, под сегашното раководство, строго ќе се придржува до воената неутралност, нема да влезе во НАТО и нема да поддржи санкции против Русија, рече на обраќањето на самитот српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин.

Сѐ додека Србија е управувана од претседателот Александар Вучиќ и додека јас сум во безбедносните структури, Србија нема да стане членка на НАТО и ние ќе водиме многу строга грижа да ја зачуваме нашата воена неутралност. Србија никогаш нема да поддржи санкции против Русија или антируска хистерија. Историјата покажува дека секоја русофобија е и србофобија. Досега, не се случило некој што ја напаѓа Русија, да не ја нападнал Србија. Не зависи од нас. Тоа е само правило“, рече шефот на српското министерство за внатрешни работи.

Движењето на Неврзаните денеска брои 120 членки и 17 држави со статус на набљудувач,меѓу кои е и Република Србија. Првпат во улога на набљудувач се појавува Русија, која на собирот во Белград ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Шефот на руската дипломатија ги отфрли тврдењата на одделни функционери на Западот дека Москва се обидува да се меша во внатрешните работи на земјите од Западниот Балкан за да оствари влијание во регионот, тврдејќи дека Русија со сите има односи засновани на заемните интереси.

Навикнавме на тврдењата дека Русија наводно се обидува да се меша во животот на Западниот Балкан. Имаме односи со Србија и другите земји во регионот засновани на заемна корист, односно баланс на интересите“, кажа Лавров.

На средбата се обрати и турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста