Половина од граѓаните сметаат дека СЈО разочарало и оти треба да се затвори

Расте незадоволството на македонските граѓани од работата на Владата и институциите. Најновата анкетата на агенцијата „Маркет вижн“ за потребите на МКД.МК покажа дека над половина од населението е разочарано од работата на Специјалното јавно обвинителство. Дури 52,6 отсто одговориле дека СЈО не ги исполнило очекувањата, а околу 47 отсто сметаат дека ова обвинителство не треба да постои. Огромен е и бројот на граѓани кои не им веруваат на судовите. 84 проценти сметаат дека правосудниот систем не функционира, а како главни причини за тоа ги навеле судиите, Министерството за правда , па дури и премиерот, во кој најмала доверба имаат испитаниците Македонци.

Опаѓа довербата и кај здравствените работници – дури 65 отсто од испитаниците велат дека условите во здравството се влошуваат, што е за 11 отсто повеќе во однос на анкетата спроведена лани во Ноември.

Во однос на политичката определба на граѓаните најголема поддршка има опозицијата – за ВМРО – ДПМНЕ би гласале 11,4 отсто од испитаниците, а за СДСМ само 7,7 проценти Македонци. Кај Албанците, пак, најголема поддршка има ДУИ – 2%, Алијансата за Албанците 1,6% и Беса 0,8%.

На прашањето за која партија би гласале, голем е процентот на оние кои одговориле негативно – 27,5 проценти рекле дека нема да гласаат, а 24,8 отсто одговориле дека се уште не знаат за кого да го дадат својот глас.

Општо гледано повеќе од половина од граѓаните сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока – 56,9 отсто. Најнезадоволни се младите на возраст помеѓу 30 до 49 години.

Просечните оценки за сите државни институции што беа предмет на истражувањето се под 3 – 2,08 за судството; 2,31 за Специјалното јавно обвинителство, 2,40 за Владата, 2,61 за премиерот и 2,88 за претседателот.

Анкетирањето било спроведено помеѓу 8 и 13 јули на примерок од 1.200 испитаници. Споредбите со анкетата направена лани во ноември главно покажуваат надолен тренд и зголемена разочараност и незадоволство.

Биљана Божиновска