Половина милијарда денари за плати во непознато министерство – дали Македонија има фантом во Владата?

Половина милијарда денари или 8,5 милиони евра во една година за плати на повеќе од 1400 вработени луѓе, повеќето по рамковен,  во непознато министерство – дали Македонија има фантом во Владата и зошто воопшто постои Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците? Со него раководи Садула Дураку од ДУИ, поранешен министер за екологија. Освен што до пред неколку дена немаше ни веб-страница, новото Министерство нема профили на Фејсбук, Твитер и Инстаграм, ниту пак свој Јутјуб канал.  Министерот ниту одржал прес-конференција, ниту јавноста знае за некој проект или закон кој произлегол од овој ресор. Дали станува збор за вештачко Министерство, чиишто вработени се фиктивна творба? – Стручни лица за истражувањето на платформата „Само прашај“ укажуваат дека некои од вработените земале плата а не оделе на работа, па дури и престојувале во други земји.

Повеќе од една година откако е формирано ова министерство, за јавноста нема ниту една единствена информација за активностите, иако, обврска на секој орган на државната управа е да ги објавува сите акти, планови и програми во врска со неговата работа. Од Владата се правдаат – објаснуваат дека одлуката за начинот на комуницирање со јавноста ја носи секоја институција посебно. Но нејасно е зошто никој да не знае што работи ова фиктивно министерство, и зошто во ваква криза, кога луѓето се борат за парче леб, толкава сума на пари да се излева од буџетот за работници, кои буквално не работат ништо?

И од Центарот за граѓански комуникации се децидни – велат дека иако министерството конечно има своја веб страница – на неа не се објавени податоци за контакт со службено лице, не постои ни листа на информации од јавен карактер ниту пак листа на вработени со нивни контакти. Во нивното најново истражување во јуни, ова министерство го оценуваат со 0 % транспарентност на нивната работа.

Ова уште еднаш ја потврдува тезата дека во Македонија има премногу административци и непотребни министерства, велат упатените – а ветувањата за намалување на бројот невработени во администрација и нивен трансфер во приватниот сектор, и понатаму звучат како политички виц.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста