Политико: “Бугарски компромис” за македонски јазик и идентитет врз бугарски темели

Бугарија да го признае македонскиот како еден од официјалните јазици и да го признае македонскиот идентитет. А Македонија за возврат ќе треба да ја признае како што ја дефинира Софија ‘историската вистина’, дека има бугарски темели врз кои е создаден каков било македонски идентитет и официјален јазик“. Ова како што пишува бриселски Политико, а пренесуваат повеќе медиуми е дел од бугарскиот компромис со кој ќе се одблокираат македонските евроинтеграции и во декември ќе може да се одржи првата меѓувладина конфереренција со ЕУ. Бугарија според написите е согласна за вакво нешто.

Премиерот Заев вели дека не би прифатил компромис за македонски идентитет врз бугарски темели. Сепак истакнува дека со Бугарија и натаму ќе се преговара.

“Очекувам дека Бугарија ќе направи конкретен, прецизен чекор. Имаме успеси со изнаоѓањето решенија за многу историски личности. Мора да водиме грижа за двете страни за да постигнеме компромис. Сакам да потврдам дека меѓусебното разбирање не носи на она што го имаме, а е реалност, факт е дека имаме заедничка историја. Ако бидеме паметни, со фокус кон иднината, заедничката историја можеме да ја искористиме како убава можност за да постигнеме компромис”, вели Заев.

Претседателот Пендаровски вели дека идентитетот не може да биде предмет на преговори. Црвените линии биле познати.

“Ние ќе ја повториме нашата црвена линија. Не нè прашувајте што мислат другите, прашајте нè за нашата позиција, а таа е јасна. Преговори за идентитетот и јазикот немало ниту во преговорите за преспанскиот договор. Од тие наши позиции нема да отстапиме. Ова се наши ставови и безрезервно ќе ги браниме. Ако секој се држи до своите позиции, како ќе се најде компромис? Исто како што се најде со Грција”, изјави Пендаровски.

Сепак поранешниот шведски министер и дипломат Карл Билт на Твитер објави дека е постигната согласност за одблокирање на пристапните преговори со Македонија.

“Добрите вести се дека ЕУ дипломатите го деблокирале почетокот на пристапните преговори со Македонија. Како и секогаш, во регионот имало комплексни историски прашања за решавање, овојпат со Бугарија”, напиша Билт.

Неодамна Бугарија испрати меморандум до земјите членки со кој ги спори македонскиот јазик и македонскиот идентитет пред 1945.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста